Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Столтенберг: Формирањето на Заедницата на српски општини во Косово може да претставува чекор напред кон решение  

– Формирањето на Заедницата на српски општини во Косово би можело да претставува чекор напред во обидите за изнаоѓање решение, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел. 

Тој посочи дека изминативе неколку месеци видовме сериозни насилни инциденти во Косово, како нападот врз мировниците на НАТО, при што беа повредени 93 војници, а потоа и инцидентот во Бањска во кои имаше и загинати. 

– Ова се сериозни предизвици со кои се соочуваме во Косово и важно е сите страни да работат на деескалација, преку намалување на тензиите и на подбуцнувачката реторика, што може да ги зголеми тензиите. Тоа беше мојата порака при неодамнешните средби во Приштина и Белград, истакна Столтенберг. 

Според него, Косово е пример за тоа како ЕУ и НАТО работат заедно, при што Унијата е задолжена за дипломатските напори, а Алијансата за безбедноста. 

– Верувам дека предлогот за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население би можело да биде чекор напред во обидите за изнаоѓање решение и за постигнување напредок во дијалогот што се води со посредство на ЕУ, изјави Столтеберг. 

Прашан дали се планира испраќање дополнителни трупи на Алијансата во Босна и Херцеговина, Столтенберг изјави дека НАТО веќе има 5000 војници во земјата, но примарно како поддршка на Силите на ЕУ во БиХ – ЕУФОР/Алтеа.  

Тој потсети дека неодамна ОН го продолжија мандатот на силите на ЕУ, додавајќи дека доколку тоа не се случеше, тогаш НАТО ќе размислуваше да испрати свои војници во БиХ.

– Не смееме да дозволиме безбедносен вакуум во Босна и Херцеговина и затоа силно го поддржавме пордолжувањето на мандатот на ЕУФОР/Алтеа, додаде Столтенберг. 

Зачлени се на нашиот е-билтен