Столтенберг откри детали од првиот разговор со Зеленски: „Се плашев дека ќе го убијат“

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за Financial Times сподели досега непознати детали за првиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

„Неколку дена не можев да стапам во контакт со него. Кога конечно се слушнавме, разговорот беше тежок. Се плашев дека ќе го фатат или ќе го убијат“, изјави Столтенберг.

Зеленски тогаш барал од НАТО да воспостави зона со забранети летови над Украина, но Столтенберг признал дека не можел да го стори тоа.
„Тој ја бараше зоната, но НАТО не можеше директно да се вклучи во конфликтот. Од почетокот мојата позиција беше јасна – да ја поддржуваме Украина, но без директно учество во војната“, нагласи тој.

Поранешниот шеф на Алијансата се потсети и на првиот нивен состанок во 2019 година, кога, како што вели, го потценил Зеленски.
„Беше симпатичен, но не можев да замислам дека ќе стане воен лидер. Беше неискусен, поставуваше едноставни прашања. Го потценив“, призна Столтенберг.

Тој додаде и дека Западот предоцна обезбедил доволно оружје за Украина, а дека Русија лажела претставници на НАТО во деновите пред инвазијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен