Еден за сите, сите за еден е суштината на НАТО, истакна Столтенберг
Членот 5 од Договорот од НАТО, кој предвидува дека напад врз еден сојузник се смета за напад врз сите, е сржта на Алијансата и секоја сугестија дека нема да ги браниме сите сојузници ја поткопува безбедноста на сите нас, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред почетокот на заседанието на Северноатлантскиот совет во Брисел, на кое учествува и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
-Еден за сите, сите за еден е суштината на НАТО, истакна Столтенберг во одговор на новинарско прашање за коментар на изјавата на најверојатниот републикански кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп дека НАТО нема да ги штити европските сојузници кои не издвојуваат „доволно“ за одбраната.
Во однос на најавите од Европа по ваквата изјава на Трамп за европска стратешка автономија, Столтенберг истакна дека ги поздравува зголемените инвестиции на европските сојузници во одбраната и зајакнувањето на нивните капацитети, но дека тоа не е алтернатива на НАТО.
-Треба да го зајакнеме НАТО, а не да правиме поделба меѓу Европа и Северна Америка, мора да останеме заедно во НАТО, изјави Столтенберг, додавајќи дека силата на Алијансата е во тоа сите членки да останат заедно и да се штитат сите сојузници.
Тој додаде дека веќе се видливи последиците од тоа што Конгресот на САД се уште не ја одобри одлуката за продолжување на помошта за Украина, посочувајќи дека за ова прашање разговарал со неговите американски домаќини при неодамнешната посета на Вашингтон
-Ако дозволиме (рускиот) претседател Путин да победи, тоа ќе биде лошо за Украина и Украинците, но исто така ќе претставува опасност за нас, ќе не доведе во поголема опасност и ќе не направи поранливи, рече Столтенберг.
Тој нагласи дека членките на НАТО треба да инвестираат повеќе во одбраната, додавајќи дека минатата година е забележан е невиден пораст од 11 отсто за одбранбените трошоци од страна на европските сојузници и Канада.
-Оваа година очекуваме 18 сојузници да потрошат два отсто од својот БДП за одбраната. Европските сојузниците заедно ќе потрошат вкупно 280 милијарди американски долари во одбраната. Ова изнесува два отсто од нивниот комбиниран БДП, додаде Столтенберг.
Според него, потребно е продолжување на поддршката за Украина, која придонесува за зајакнување на потенцијалот на украинските безбедносни сили, што е видливо и на бојното поле.
-За да бидеме сигурни дека Украина ќе го добие оружјето и муницијата кои и се потребни, треба да го зголемиме производството на муниција, изјави Столтенберг.
Тој ја поздрави неодамнешната одлука на Европската унија да одвои 50 милијарди евра помош за Украина и изрази надеж дека и Конгресот на САД наскоро ќе го поддржи пакетот за поддршка на земјата.
-Поддршката за Украина е милостина, тоа е инвестиција во нашата безбедност, заклучи Столтенберг. (МИА)