„Стоп за Вардариште“ излегува на блокада – граѓаните бесни на молкот на институциите

Иницијативата „Стоп за Вардариште“ најави блокада на мостот „Близнаци“ утре во 7:30 часот, а за попладне во 18 часот е закажан протест на истата локација. Причина за ваквиот потег е, велат граѓаните, молкот на институциите и игнорирањето на нивните барања за решавање на проблемот со старата депонија во Скопје, која со децении важи за еколошка бомба.

Активистите бараат воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор, постојано физичко обезбедување, итно иселување и згрижување на лицата кои таму живеат бесправно и поставување ограда околу Вардариште.

Тие инсистираат и на конечно затворање на депонијата, како и откривање и казнување на сите што ја загадуваат околината со нелегално фрлање отпад или подметнување пожари.

Барањата се доставени до Претседателката на државата, Владата, повеќе министерства, Град Скопје и општините Гази Баба и Аеродром, но досега – одговор нема.

Од иницијативата ги повикуваат сите граѓани да им се приклучат, работодавците да покажат разбирање за можни доцнења, а возачите – трпение за време на утринската блокада.

Зачлени се на нашиот е-билтен