Во Северна Кореја погубена е брачна двојка која заработила богатство во приватен бизнис, а властите поради нивниот успех ги обвинуваат дека станале „арогантни“ и „антирепубликанци“.
Стотици луѓе, вклучувајќи деца, наводно биле принудени да гледаат како се погубени од стрелачки вод на отворен простор во Пјонгјанг, објавува „Дејли меил“.
Успех што довел до смртна казна
Двојката, која биле во педесеттите години, водела успешен приватен бизнис продавајќи, поправајќи и изнајмувајќи електрични велосипеди и делови за мотоцикли и велосипеди. Иако формално биле регистрирани во Централниот комитет на Генералниот сојуз на синдикати, извештаите наведувале дека тие оствариле значителен приход од страна, поради што станале познати како „големи риби“.

Нивниот успех предизвикал гнев кај некои жители кои се пожалиле на високите цени на големо, лошиот квалитет на производите и она што го опишувале како нивно арогантно однесување.
Јавна егзекуција како предупредување
Властите ги обвинија за кршење на Законот за отфрлање на реакционерната мисла и култура, тврдејќи дека соработувале со надворешна организација за нелегален трансфер на странска валута и ширење антидржавни пораки. Тие беа уапсени на почетокот на август и осудени на смрт на почетокот на септември. Егзекуцијата била извршена на отворен простор во Мирим, а на жителите им било наредено да присуствуваат.
„Сите менаџери, како што се менаџерите на пазари и менаџерите на тезги, мораа да присуствуваат, па во тој момент се собраа над 200 жители“, посочил изворот на „Дејли меил“.
„Фактот дека и деца беа сведоци на бруталниот чин е особено шокантен. Жителите кои немаа каде да ги остават своите деца немаа друг избор освен да ги доведат. Средношколците што минуваа покрај нив, исто така, им се придружија на возрасните без никаков отпор и беа сведоци на морничавата сцена“, посочил изворот.
Пораката на режимот до приватниот сектор
Службениците им кажаа на присутните дека егзекуцијата имала за цел да послужи како „модел за спречување на економски хаос и едукација на јавноста“. Сепак, оваа казна е широко протолкувана како брутално предупредување до сите оние кои се занимаваат со приватен бизнис и обид за зајакнување на државната контрола и прекинување на странските врски.
Времето на егзекуцијата, кое се случи кратко откако диктаторот Ким Џонг Ун се врати од посетата на Кина, е исто така значајно. Изворот рече дека ова испратило порака дека „нема исклучоци од внатрешната дисциплина, дури и кога се соработува со странски земји“. „Јасно е дека намерата е да се покаже дека секој што дури и малку ги надминува дозволените ограничувања од државата може да биде казнет како пример“, заклучи тој.
Стравот завладеа на улиците
По егзекуцијата, стравот ги зафати жителите, а последиците веднаш се почувствуваа на локалниот пазар. Според извештаите, пазарната активност се намалила неколку дена. Бизнисите поврзани со егзекутираната двојка банкротирале, а цените на батериите и сродните делови скокнале или целосно престанале да тргуваат.
„Сите бизнисмени се исплашени откако го видоа овој инцидент бидејќи помислуваат: „Во секојк момент може дабидеме фатени“, раскажува изворот за атмосферата меѓу претприемачите. Со оглед на тоа што околу дваесетина луѓе поврзани со двојката наводно добиле казни за прогонство или превоспитување, стравот станал опиплив.

Внесување страв од рана возраст
Одлуката да се дозволи или да им се наложи на децата да бидат сведоци на егзекуции предизвика особена загриженост. Многумина веруваат дека ова е намерно изложување на малолетници на екстремно насилство со цел да се всади страв од рана возраст.
„Овој инцидент не е само за казнување на чинот на „нарушување на економскиот поредок“, посочил изворот. „Станува збор за всадување страв во јавноста, особено кај младите, дека „државата ако сака може да казни секого“.
Северна Кореја продолжува да практикува јавни егзекуции како средство за заплашување на населението и потиснување на секоја акција што режимот ја смета за „антирепубликанска“. Повеќето егзекуции се извршуваат со стрелачки одред, а масите честопати се принудени да гледаат.
Злосторства како што е дистрибуција на странски медиуми може да резултираат со смртна казна, како во случајот со 22-годишник кој беше погубен минатата година за дистрибуција на јужнокорејска K-pop музика.

