Струга ќе биде центар на креативноста

Струга во сабота, 6 јуни 2026 година, ќе биде домаќин на „Craft to Impact – Социјален креативен базар“, настан што ги поврзува локалните креативци, занаетчии, претприемачи и граѓани околу идејата за креативност со општествено влијание.

Базарот ќе се одржи во Паркот на поезијата, со почеток во 12:00 часот, а посетителите ќе имаат можност да се запознаат со автори на рачни изработки, оригинални креации и мали локални бизниси кои преку својата работа внесуваат нови идеи, вештини и иницијативи во заедницата.

Настанот е замислен како простор за поддршка на локалните приказни и за претставување на производи создадени со личен труд, креативен пристап и претприемачки дух. Покрај продажниот и изложбениот карактер, базарот има и поширока цел – да ги поврзе луѓето кои создаваат со публиката што сака да поддржи автентични локални производи и иницијативи.

„Craft to Impact“ носи фокус на малите креативни бизниси, занаетчиството и социјалното претприемништво, како сегменти што сè повеќе стануваат дел од локалниот економски и културен живот. Организаторите најавуваат пријатна атмосфера, рачни изработки, оригинални производи и средба со луѓе кои преку својата работа ја збогатуваат заедницата.

Со вакви настани, Струга добива уште една можност да се претстави како град во кој културата, креативноста и локалната иницијатива можат да се спојат во отворен јавен простор.

Најчитано