Струга заглавена без власт, коалициски кавги во сенката на Мерко

По повеќе од еден месец од изборот на новиот градоначалник и речиси два месеца од гласањето за општинскиот совет, Струга и натаму живее со нефункционална локална власт. Нема претседател на Совет, нема стабилно мнозинство, а првите денови од мандатот наместо со нови проекти се паметат по коалициски кавги, блокирани седници и отворени пораки од партиските централи.

Во ваков амбиент, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно ја доведе во прашање поддршката за градоначалникот Менди Ќура. Повод беше прославата на Денот на албанското знаме на 28 ноември, кога пред општинската зграда не било истакнато државното, македонско знаме – законска обврска за секоја институција. Полицијата веќе поднесе барање за прекршочна постапка против општината и против градоначалникот, а Мицкоски, коментирајќи ја ситуацијата, порача дека „нема втора шанса за прв впечаток“ и дека е разочаран од почетокот на мандатот.

Менди Ќура, кој доаѓа од бизнис-секторот и формално се кандидираше како независен, на локалните избори ја доби Струга со политичка поддршка од владејачката коалиција – ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ/ВЛЕН. Ниту ВМРО ниту ВРЕДИ не излегоа со свој кандидат, туку застанаа зад него како фигура која треба да го означи „раскинот“ со долгогодишното владеење на Рамиз Мерко. Сега, пак, истиот тој коалициски аранжман се покажува како кревок, а премиерот од Скопје праќа сигнали дека довербата не е безусловна.

Сликата станува уште потемна ако се погледне состојбата во Советот. Во 23-членото тело, опозициската коалиција Национална алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, има осум советници и е најголема група. ВМРО-ДПМНЕ располага со шест, ВРЕДИ со четворица, а по еден советник имаат СДСМ и Левица. Останатите тројца се дел од независната листа која во кампањата отворено ја поддржа поранешниот градоначалник Рамиз Мерко – токму затоа во јавноста и во Советот често се нарекуваат „листата на Мерко“. Со ваков распоред, никој нема 12 гласа за стабилно мнозинство, а не е избран ниту претседател на Советот.

Формално, седниците привремено ги свикува највозрасниот советник – Нафи Јонузи од ВРЕДИ, кој се повикува на Законот за локална самоуправа. На дневен ред за седницата од 10 декември беа ставени десетина точки – формирање комисии за урбанизам, туризам и статутарно-правни прашања, квартални извештаи, но и итна точка за распределба на 17 милиони денари од општинскиот буџет за основното образование: К-15 за наставниците, електрична енергија, нафта, превоз на ученици. Наместо обид да се „откочи“ работата, седницата заврши во нов политички судир.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ инсистираа најнапред да се заврши конституирањето на Советот со избор на претседател, па дури потоа да се одржуваат редовни седници со полни дневни редови. Според нив, ако има итни точки – тогаш се свикува вонредна седница со единствена точка. Кога барањето за вклучување на изборот на претседател не беше прифатено, советничката група на ВМРО ја напушти седницата. Истото го направија и независните советници кои се поврзуваат со Мерко. На крај, сите останати точки беа повлечени, а беше изгласана само распределбата на средствата за основното образование, за граѓаните да не останат без плати и основни услуги.

Од Левица, единствениот советник Јована Мојсоска, јавно оцени дека Советот останува нефункционален „поради коалициски кавги“. Таа посочи дека ВРЕДИ го одбила барањето на ВМРО да се стави на дневен ред изборот на претседател на Совет, а како дополнителна иронија го истакна фактот дека ВМРО му донела повеќе гласови на Ќура отколку ВРЕДИ, за сега токму партијата што го поддржала да ги блокира нивните барања. Мојсоска укажа и на уште една политичка симболика: советниците на Мерко „солидарно“ ја напуштиле седницата заедно со ВМРО, додека ВРЕДИ останала во салата – прашувајќи „кој всушност му одработува на Мерко“.

Во позадина на целата приказна стои човекот кој формално повеќе не е на чело на општината, но не ја изгубил тежината во струшката политика – Рамиз Мерко. По два децениска доминација, од кои 16 години како градоначалник, Мерко не доби нов мандат и во последниот изборен циклус ДУИ настапи со друг кандидат, додека тој отворено застана зад независна листа за Советот. Во меѓувреме беше ставен и на „црната листа“ на САД за значајна корупција и мешање во судски процеси, но дел од советниците и натаму се врзуваат со неговото име и мрежи на влијание.

Токму тука се отвора клучното прашање: дали кошкањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ е само борба за позиции во локалната власт, или зад нефункционалниот Совет стои поширока политичка пресметка – меѓу „новата“ коалиција што го донесе Ќура на власт и „старата“ локална структура изградена околу Мерко? Струга, како и многу други општини, не е само збир од бројки и мандати, туку густо испреплетена мрежа на локални бизнис интереси, клиентела, урбанизам и кадровски договори.

Искуството од претходните години покажува како изгледа нефункционална локална власт. Во Скопје, судирот меѓу независната градоначалничка Данела Арсовска и мнозинството во Советот доведе до блокади на јавниот превоз, проблеми со јавното чистење и парализирани јавни претпријатија. Во Тетово, пак, неможноста да се изгласа завршната сметка за буџетот во 2022 година заврши со распуштање на Советот и вонредни избори.

Струга денес стои на сличен раб: без претседател на Совет, без јасно мнозинство и со градоначалник чија политичка судбина се врзува за нестабилна коалиција во која партиските централи веќе почнуваат јавно да му испорачуваат „опомени“. Колку подолго трае оваа блокада, толку повеќе општината ризикува да остане без навремени одлуки за буџетот, капиталните инвестиции, урбанистичките планови и основните јавни услуги.

На крајот, прашањето „кој ги влече конците“ во Струга – партиските лидери, локалните „барони“ или новиот градоначалник – е помалку важно од тоа кој ја плаќа цената. А тоа се граѓаните, кои гласаа за промена и функционирачка локална власт, а добија уште една општина заложник на пазарења зад затворени врати.

Зачлени се на нашиот е-билтен