Зошто сметките за струја поскапуваат, кога на македонската берза има часови кога цената е нула? Зошто плаќаме високи цени, ако во пролетни и летни денови тече вишок евтина струја од сонце и вода кој на МЕМО се продава за ситни пари? И најважно, ако веќе сме влегле во нова енергетска реалност во која струјата преку ден знае да биде безвредна за производителите, зошто тоа воопшто не се чувствува во сметките на домаќинствата?
Берзата покажува нула, а сметките „пеат“ друга песна
Националниот оператор МЕМО секојдневно објавува цени за пазарот „ден‑однапред“. Тоа е местото каде трговците и големите потрошувачи ја купуваат струјата час по час за утре. Во последните месеци, особено по дождливата и водна зима и со растот на фотоволтаиците, сè почести се деновите кога во периодот од 10 до 15 часот цените паѓаат драматично, во екстремни случаи до нула или на праг до нула евро за мегават‑час.

Истовремено, медиумските извештаи зборуваат за просечни цени на регионалните берзи од 70–90 €/MWh, додека МЕМО во ист ден успева да понуди струја двојно поевтино, токму во „соларниот пик“. За граѓаните ова изгледа како шизофрена ситуација: ако во истите тие часови домаќинствата плаќаат ист KWh како и во полноќ во јануари, значи дека некој по пат ја задржува добивката од евтината дневна струја.
Тука не станува збор за техничка игра на бројки, туку за суштинско прашање на праведност: ако пазарот покажува нула, зошто сметката и понатаму покажува „пресметано“ поскапување?
Струјата не се складира во кофа – произведеното мора речиси веднаш да се потроши
Струјата не е брашно или нафта. Не можеш да ја ставиш во магацин и да ја продаваш кога ќе посакаш, барем не во големи количини и по ниска цена. Она што електраните ќе го произведат во 11:00 часот денес мора речиси во истиот момент да биде потрошено, било во Македонија или во соседните земји преку преносната мрежа.
Кога има многу сонце и полни акумулации, фотоволтаиците и хидроцентралите пуштаат големи количини евтина енергија во системот. Потрошувачката не расте исто толку брзо, дел од индустријата не работи со полн капацитет, а домаќинствата немаат голема потреба за греење или ладење. Во тие часови, понудата едноставно е поголема од побарувачката. Алгоритмот на берзата реагира како што е програмиран. Почнува нагло да ја спушта цената, за некој во регионот да се „нафати“ и да ја купи вишок струјата.
Во западноевропските пазари ова одамна отиде и чекор подалеку. Има редовни часови кога цените се негативни, производителите плаќаат некој да ја преземе струјата, само да не мора нагло да ги гасат електраните и да ризикуваат технички проблеми. Македонија сега е на прагот на истото сценарио: веќе гледаме часови со цена нула или блиску до нула, што е јасен сигнал дека во делови од денот системот е преполн со „чиста“ енергија.
Теоретски, дел од тој вишок би можел да се складира во батерии. Практично, тоа уште не функционира на ниво на систем. Причината е едноставна: батериските системи за национален обем се скапи и сè уште ретки кај нас, а постојат претежно како мали приватни решенија кај фирми или домаќинства. Планираните големи батериски проекти (околу 2,2 GW/4,9 GWh складирање) сè уште се во фаза на најави и подготовка и не можат да го „испеглаат“ дневниот вишок во следните неколку години.
Затоа, во моменталниот македонски контекст, најголемиот дел од евтината дневна струја мора или веднаш да се потроши, или брзо да се извезе, или да се „убие“ преку кратење на производството. Тоа е коренот на ситуацијата во која берзата покажува нула, а сметките остануваат високи.
Извртен дневен ритам: од „најскапо на пладне“ до „најевтино кога е сонце“
Во старите енергетски учебници пишуваше дека струјата е најскапа во „пикот“ – преку ден, кога работат фабрики, канцеларии, училишта, кога сите апарати се вклучени. Но со соларниот бум и хидро потенцијалот, дневниот профил на цените во Македонија се превртува наопаку.
Анализата на МЕМО за влијанието на соларната енергија врз пазарот покажува јасен образец: потрошувачката останува релативно стабилна во текот на годината, со мал пад во пролет и лето, додека производството од фотоволтаици нагло расте токму во тие месеци. Цените на „ден-однапред“ пазарот се најниски во април. Тоа е период со млако време, пониска потреба за греење и силна сончева радијација, а од летото кон зимата цените растат, достигнувајќи врв во ноември кога соларното производство е на минимум, а потрошувачката на максимум.
Накратко: во новата реалност, „најевтината“ струја е токму тогаш кога до сега некако интуитивно очекувавме да биде најскапа – на пладне, во сончев и воден ден. Причина: фотоволтаиците и хидроелектраните ја истиснуваат поскапата струја од јаглен и гас од пазарот, па цената паѓа.
Регулирана цена против реален пазар: зошто за граѓаните дневната цена на струјата не е нула?
Институционалниот одговор е познат: домаќинствата не плаќаат берзанска цена по час, туку регулирана цена која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. Во таа цена, покрај енергијата, влегуваат и трошоците за пренос и дистрибуција, загубите во мрежата, резервните капацитети, маржите на снабдувачите и ДДВ.
Но ова објаснување не ја затвора приказната. Кога систематски гледаме дека во пролет и лето дневните цени на МЕМО тонат, логично прашање е колкав дел од таа „дневна евтина струја“ завршува како пониска сметка за граѓаните, а колкав како дополнителна маржа или простор за непродуктивни трошоци?
Македонија истовремено се фали со либерализиран пазар, ново енергетско законодавство, „day‑ahead“ и наскоро „intraday“ тргување, динамични тарифи и паметни броила. Ако веќе системот технички знае да ја препознае евтината струја по час, зошто граѓаните и понатаму плаќаат ист КWh и во најскапата зимска ноќ и во најевтиниот пролетен ден?
Прашањата што треба да се постават јавно се конкретни:
- Дали и кога Регулаторната комисија ќе почне со поагресивно надолно прилагодување на тарифите во периоди кога берзанските цени драматично паѓаат?
- Зошто не се нудат барем сезонски поевтини дневни тарифи во пролет и лето, кога и официјалните анализи покажуваат рекордно ниски цени?
- Зошто пилот‑проектите за динамични цени и паметни броила се уште на хартија, а не во сметките?
Соларен бум, полни акумулации ама јагленот си чади
Паралелно со падот на дневните цени, Македонија доживува соларен бум. Во 2025 година се инсталирани околу 210 MW нов соларен капацитет, со што вкупната моќност на приклучени фотоволтаици ја надминува границата од 1 GW (околу 1,2 GW според податоците на соларното здружение). Министерството за енергетика за 2026 веќе одобри 59 нови соларни проекти со преку 3 GW вкупен капацитет и околу 96 системи за складирање со 2,2 GW/4,9 GWh, вредни повеќе од 2 милијарди евра.
На хартија, ова изгледа како транзиција во најдобар дух на европските политики: многу сонце, раст на складирање, модерна мрежа. Но реалноста на терен го отвора непријатното прашање: што се случува со јагленските капацитети, особено РЕК, во часовите кога имаме вишок струја од сонце и вода?
Доколку јагленските блокови продолжуваат да работат и во тие часови, а вишокот се продава по нула или негативна цена, тоа значи непотребно согорување јаглен во момент кога системот не ја бара таа енергија. Тоа исто така значи и дополнително загадување во Битола и регионот без економска логика, освен за оние што профитираат од ископот и транспортот на јаглен.
Ако веќе јавните политики ја признаваат „соларната реалност“, логично е да се бара транспарентен одговор: дали РЕК и другите термоцентрали навреме се намалуваат или запираат во часови со вишок од обновливи извори, или системот се одржува во живот по инерција, заради политички и бизнис интереси кои немаат врска со јавниот интерес?
Кога мрежата „пука по шавови“
Кога производството е толку големо што мрежата не може безбедно да ја пренесе и не постои доволен простор за извоз, операторот мора да повлече рачна. Да нареди кратење на производството на дел од електраните – најчесто фотоволтаици и хидро, но логично е дел од товарот да го преземат и термоцентралите, со намалување или привремено запирање на јагленските блокови во часови со вишок.
Во практична смисла, тоа значи дека дел од фотоволтаиците или хидроцентралите добиваат сигнал да намалат или да се исклучат, иако има сонце и вода затоа што мрежата е преполнета, а системот не може да ја проголта таа енергија. МЕМО веќе регистрира вакви ситуации и самата институција ги препознава како знак дека сме стигнале до техничките граници на постојната инфраструктура.
Ова е најјасен симптом дека транзицијата е половична: вложуваме во обновливи, но не доволно во мрежа, складирање, флексибилни потрошувачи и паметно управување со термоелектраните. Резултатот? Плаќаме за капацитети кои потоа мора да ги гасиме во најплодните часови, а граѓаните не ја гледаат придобивката од евтината дневна струја. Евтината енергија останува „заробена“ во систем кој не знае да ја искористи ниту преку батерии, ниту преку навремено намалување на јагленските блокови.
Од невидлив пазар до јавен интерес: што треба да бараме од властите?
Паралелно со техничките реформи, МЕМО и словенечкиот BSP потпишаа договор за воспоставување „intraday“ пазар до вториот квартал на 2026 година. Тоа е чекор кој ќе овозможи тргување близу до реално време и подобро прилагодување на производството и потрошувачката. Анализите на МЕМО и регионалните експерти јасно препорачуваат 15‑минутни интервали на тргување, динамични тарифи, батериски системи и интеграција со европскиот пазар.
Но без политичка волја, сето ова може да остане привилегија на неколку големи играчи, додека домаќинствата и малите бизниси остануваат во стар режим на фиксна, непроменета цена. За да не се случи тоа, јавноста треба да инсистира на неколку конкретни потези:
- објавување јасни податоци: колку часа во 2025 и почетокот на 2026 цената на МЕМО била под 5 €/MWh, нула или негативна, и кој колку профитирал или загубил од тие часови;
- план за постепено поврзување на евтините дневни берзански цени со тарифите за граѓаните – преку сезонски пониски дневни тарифи, па потоа пилот‑програми со динамични цени за домаќинства со паметни броила;
- јасна стратегија за редуцирање на јагленот во часови со вишок од солар и хидро, со рокови, обврски и заштита за работниците и локалните заедници;
- брза реализација на „intraday“ пазарот и вклучување на индустријата и големите потрошувачи во програми за флексибилна потрошувачка (поместување на дел од производството во часовите со ниска цена)
Кога струјата на берза е нула, а сметките растат, тоа не е „природен закон“, туку политичка одлука. Прашањето не е дали Македонија влегува во нова енергетска ера. Тоа веќе се случува, со над 1,2 GW солар и десетици нови проекти. Прашањето е дали оваа транзиција ќе ја поефтини струјата за граѓаните и ќе го исчисти воздухот, или ќе остане уште една добра приказна во која добивката завршува на малку, добро познати адреси.