Од 1 јануари домаќинствата речиси извесно ќе плаќаат малку повисоки сметки за електрична енергија. Државните електрани АД ЕСМ на тендерот на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ понудија цена од 65 евра за мегават-час, наместо досегашните 62 евра. Зголемувањето во апсолутен износ изгледа мало, три евра по мегават-час, но во проценти значи речиси пет отсто повисока производна цена на струјата што ја купува снабдувачот за потребите на граѓаните.
Понудата на ЕСМ се однесува на целата наредна година и ги покрива целосно количините за регулираниот сегмент на пазарот – за домаќинствата и малите потрошувачи. На тендерот не се пријавил друг понудувач, што е вообичаена практика со години наназад, со оглед дека токму државните електрани имаат обврска да обезбедат струја по регулирана, пониска цена за овој дел од потрошувачите. На тој начин „ЕВН Хоум“ како универзален снабдувач ја презема улогата да ја дистрибуира електричната енергија до домаќинствата по цена што понатаму ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика.
Иако во јавноста често се изедначува понудената цена со конечниот износ на сметките, процесот има повеќе чекори. Освен цената на ЕСМ, во крајната цена влегуваат и тарифите на преносниот оператор МЕПСО, операторот на пазарот МЕМО и дистрибутивниот систем оператор. Сите овие параметри влегуваат во методологијата што ја користи Регулаторната комисија за енергетика при утврдување на новата цена за крајните потрошувачи. Дури по завршување на оваа постапка ќе биде познат точниот процент на корекција што ќе ја почувствуваат домаќинствата од 1 јануари.
Првичните проценки се дека поскапувањето би се движело околу четири до пет проценти, доколку во меѓувреме не дојде до поголеми промени кај останатите елементи во формулата. „ЕВН Хоум“ во овој процес има јасно дефинирана улога: да набави струја по цената утврдена на тендер и да ја снабдува крајната потрошувачка, додека државата преку Регулаторната комисија ја одредува тарифата за домаќинствата.
Паралелно, Владата најавува продолжување на субвенционирањето на цената за домаќинствата, со цел да се задржат умерени корекции и да се избегнат ненадејни ценовни шокови. Државата и во изминативе години делумно ја презема разликата меѓу производната цена и крајната цена што ја плаќаат граѓаните, особено во периодот на енергетската криза и високите берзански цени. Новата цена на ЕСМ од 65 евра за мегават-час, во тој контекст, претставува обид производителот да ги усогласи своите трошоци со реалните пазарни услови, додека снабдувачот и Регулаторната комисија остануваат алка во синџирот што треба да обезбеди предвидливи сметки за домаќинствата.

