Седумдесет поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство ќе учествуваат на 64. издание на „Струшки вечери на поезијата“ (21–25 август). Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, во програмата се вклучени еминентни автори од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и од соседните земји.
Фестивалскиот фокус годинава е „Глаголицата“ – симболична врска и мост низ вековите. Директорот Никола Кукунеш нагласи дека линијата помеѓу Македонија и Словачка се надоврзува на традицијата од времето на св. Кирил и Методиј, а промотивните графички и видеосодржини го истакнуваат глаголскиот фонд како референца на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик. „Тоа е традиција која надминува 1.160 години и ги поврзува литературата, јазикот и поезијата од раните почетоци до денес“, рече Кукунеш, додавајќи дека СВП е меѓународно етаблирана манифестација чија основна цел е промоција на македонскиот јазик и културата во светот.
Уметничкиот директор Мите Стефоски најави „врвни имиња“ и богата издавачка програма. Покрај луксузната тројазична монографија за лауреатот Иван Штрпка, ќе бидат промовирани и: книгата на Матеуш Шимчик („Мостови на Струга“), англиското издание на „Небото ми е дома“ од акад. Катица Ќулафкова (добитник на „Браќа Миладиновци“), како и ретката антологија „Дионис и свети Трифун“ – панорама на македонската винска поезија, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски, во соработка со „Тиквеш“ по повод 140 години од винарницата.
Во едицијата „Плејади“ ќе излезе и „Резиденции во времето“ од италијанската авторка Антонела Анеда, а фестивалската антологија „Кој е кој – поезија од пет континенти“ ќе ги опфати творбите на учесниците. Како дел од платформата „Версополис“, чиј основач е СВП со уште 10 фестивали, ќе бидат претставени двајца автори во партнерство со 30 европски фестивали.
Фестивалот ги враќа препознатливите белези: читања кај споменикот на св. Климент на Плоштадот во Охрид, поетско крстарење и читање на „Св. Наум“, како и поетско матине во предворјето на црквата „Св. Богородица Перивлепта“. „Имаме впечатлива програма што соодветствува на реномето на СВП. Нашата задача е да бидеме афирматори и промотори на македонската и светската поезија“, рече Стефоски, потсетувајќи дека низ 64 изданија на фестивалот поминале над 5.500 поети од целиот свет.