Струшките вечери на поезијата годинава ќе пречекаат преку 70 гости од светот

Струшките вечери на поезијата не се локална организација ниту локален настан, туку ги надминуваат границите на државата и се широко етаблирани и познати во светот. Нашата задача е да бидеме афирматори и промотори на македонската и светската поезија. Токму заради тоа постои овој фестивал и затоа е најголемиот и најзначајниот културен бренд кој го има Македонија во светот. Тоа го заклучи раководството на Струшките вечери на поезијата на денешната прес-конференција на која беше соопштена програмата за годинашното 64.фестивалско издание.

Струга, според директорот на националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“ годинава ќе биде домаќин на околу 70 поети од земјава и странство, критичари, преведувачи и литературни работници. Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, на 64-тите Струшки вечери на поезијата учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и земјите од соседството…

Директорот на Националната установа манифестација „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш денеска на прес-конференција информира дека фокусот на годинашното издание ќе биде Глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите. Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка.

– Токму затоа за промоција на годинашното издание подготвени се графички и видео содржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која што надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес, рече Кукунеш.

Вложувањето меѓународната промоција на нашиот јазик и култура, според него, е и основна цел на манифестацијата.

Уметничкиот директор Мите Стефоски информира дека на 64-тото издание ќе бидат презентирани врвни светски имиња.

– Но, Струшки вечери на поезијата се познати по тоа што имаат значајна издавачка активност, која е проникната со самите фестивалски активности. Годинава, покрај вообичаената и луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка, која се објавува тројазично, ќе бидат објавени уште неколку значајни публикации кои ќе бидат презентиран во рамките на Фестивалот, истакна Стефоски. 

Меѓу публикациите кои редовно се дел од издавачката програма се и изданијата, кои се реализираат како дел од платформата „Версополис“, на која основачи се СВП заедно со уште 10 други поетски фестивали. Во партнерство со другите 30 поетски фестивалот од Европа, ќе презентираме двајца значајни автори. 

– Од другите значајни промени во програмата ќе го истакнеме враќањето на белезите на Струшките вечери на поезијата, како што се читањата кај споменикот на Свети Климент на плоштадот во Охрид и патувањето со брод и поетското читање на „Свети Наум“. Поетското матине годинава ќе биде во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид. Имаме една впечатлива програма, која е сосема пристојна и одговара на нивото и реномето на Струшките вечери на поезијата“ во светот, заклучи Стефоски.

Тој најави дека фестивалот повторно ќе го добие својот сјај исполнувајќи ја задачата да бидат афирматори и промотори на македонската и светската поезија.

Ние сме свесни за значењето, реномето и одговорноста која стои пред нас, фестивалот повторно да го добие својот сјај и да го побуди интересот, бидејќи интересот кон поезијата и интересот кон фестивалот се проникнати и нераздвојни, и нашата задача е да бидеме афирматори и промотори на македонската и светската поезија. Токму заради тоа постои овој фестивал и затоа е најголемиот и најзначајниот културен бренд кој го има Македонија во светот, исткна Стефоски.

Покровител на манифестацијата е претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, а финансирана од Министерството за култура и туризам.

Манифестцијата почнува в четврток со традиционално садење дрвце во чест на добитникот на Златниот венец во Паркот на поезијата, а свеченото отворање ќе биде вечерта во Домот на поезијата. Завршува в недела со манифестацијата „Мостови“.

Зачлени се на нашиот е-билтен