Стружанец осомничен за даночно затајување од над осум милиони денари

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против сопственик и управител на фирма од Струга и против правното лице, поради сомнение дека со даночно затајување го оштетиле државниот буџет за 8.070.791 денар. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство во Струга.

Според Финансиската полиција, првопријавениот С.З. неосновано присвоил трговска стока заведена како залиха на фирмата, чија вредност на крајот од 2025 година изнесувала 26.085.138 денари. Тој е осомничен дека постапувал со намера да прибави противправна имотна корист за себе и за компанијата.

За присвоената стока, според пријавата, не биле пресметани, пријавени и платени 4.231.907 денари ДДВ по стапка од 18 проценти и 128.727 денари ДДВ по стапка од пет проценти. Не бил платен ниту данок на личен доход од 2.898.059 денари.

Пријавениот, исто така, не ги прикажал како приход застарените и ненамирени обврски во вредност од 8.120.980 денари. За 2025 година не поднел даночен биланс и не пресметал данок на добивка од 812.098 денари, наведува Финансиската полиција.

Физичкото и правното лице се пријавени поради основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик. Натамошното постапување по пријавата е во надлежност на Основното јавно обвинителство Струга.

Најчитано