Студентите од Нови Сад најавуваат блокада на судот

Студентите кои ги блокираат факултетите во Нови Сад денес најавија дека, заедно со граѓаните собрани пред судот во тој град, ќе влезат во блокадата како чин на отпор против неоправданите апсења и законското насилство што се спроведува овие денови врз нивните колеги и пријатели.

Тие бараат итно ослободување на сите приведени без докази, против кои се поднесени сериозни кривични и прекршочни пријави, вклучувајќи обвиненија за напад врз службено лице, насилно однесување, нарушување на јавниот ред и мир, па дури и обид за тешко убиство.

Во соопштението, студентите потсетија дека 13 нивни другари биле во притвор 30 дена, наведувајќи дека ова не е владеење на правото, туку демонстрација на сила.

Тие велат дека не се согласуваат да живеат во земја каде што слободата на изразување и граѓанскиот протест се третираат како злосторства.

„Веќе еднаш бевме тука и се боревме за слободата на нашите активисти. На овој начин, ја продолжуваме борбата за нив и за секој што е неправедно приведен денес. Ќе останеме тука додека сите наши другари не се вратат дома. Правда за уапсените – слобода за сите“, рекоа студентите од Нови Сад.

Тие го повторија повикот сите да се соберат пред зградата на Основниот суд утре од 6 часот.

Зачлени се на нашиот е-билтен