Суданските паравоени Сили за брза поддршка (РСФ) го прифатија предлогот од САД и неколку арапски држави за хуманитарен прекин на огнот и изразија подготвеност за разговори за запирање на непријателствата со суданската војска, се наведува во денешното соопштение на РСФ.
Оваа објава, која суданската армија сè уште не ја коментирала, доаѓа помалку од две недели откако РСФ го презедоа градот Ел Фашир, со што ја засилија својата контрола врз западниот регион Дарфур.
„Силите за брза поддршка се радуваат на спроведувањето на договорот и на почетокот на разговори за уредување на прекинот на непријателствата и за основните принципи што ќе го водат политичкиот процес во Судан“, се наведува во соопштението на РСФ.
САД, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет во септември повикаа на тримесечно хуманитарно примирје во Судан, по кое би требало да следи траен прекин на огнот.
Сведоци изјавиле дека РСФ убивале и киднапирале цивили за време и по заземањето на Ел Фашир.
Воениот конфликт меѓу суданската армија и РСФ избувна во април 2023 година, кога двете сили, дотогаш партнери во власта, влегоа во меѓусебен судир.
Во конфликтот загинаа десетици илјади луѓе, а милиони беа раселени.

