На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше пожарникарот Драган Апостолов, командир на територијалната противпожарна единица во Кочани, кој пред судот опиша екстремно тешки услови за интервенција и сцени што, како што кажа, не се забораваат.
Апостолов изјави дека температурата во објектот била толку висока што, и покрај заштитната опрема, добил изгореници и плускавци на рацете. Посочи дека по пристигнувањето, околу 2:55 часот, веднаш влегол во објектот каде огнот бил распламтен, а гореле плафонот, шанкот и бината. За да се овозможи пристап до луѓето, пожарникарите, според сведочењето, користеле „водени лепези“ за да ја намалат температурата и да создадат услови за извлекување на преживеаните до местото каде ги преземале екипите на итната медицинска помош.
Во исказот, пожарникарот опиша и дека внатре затекнал три целосно јагленосани тела, во различни положби, како и дека најмногу заглавени, повредени и починати имало во ходникот зад влезната врата. Тој додаде дека во дискотеката видел расфрлани противпожарни апарати, а гаснењето било дополнително отежнато затоа што хидрантското сандаче имало црево, но немало вентил и не можело да се користи.
Сведочењето на пожарникарите е дел од доказната постапка во која судот, преку искази на лица што биле први на терен, се обидува да ја реконструира динамиката на пожарот, условите во објектот и пропустите во безбедносната инфраструктура што можеле да влијаат врз исходот.