Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Судењето на Додик одложено за 6 декември

Почетокот на судењето на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, кое беше најавено за утре, е одложено за 6 декември, потврди денеска Судот на БиХ.

Одбраната на Додик побара одложување на почетокот на судењето со образложение дека тој утре треба да отпатува за Унгарија. Адвокатите тврдеа дека поканата за тоа патување ја добил пред рочиштето да биде закажано за 22 ноември, а судот го прифати образложението.

Додик и директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, се обвинети за кривично дело неисполнување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница, за што, во случај да бидат осудени, им се заканува казна од шест месеци до пет години затвор.

Доколку бидат осудени, тоа автоматска значи и забрана за извршување на функциите на кои се наоѓаат.

Измените на кривичниот закон согласно кој ќе им се суди на Додик и Лукиќ ги наметна високиот претставник Кристијан Шмит на 1 јули, во исто време кога ги укина законите со кои парламентот на Република Српска се обиде да блокира спроведување на неговите одлуки, како и пресуди на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Иако Шмит врз основа на неговите овластувања ги поништил спорните закони, Додик сепак го потпиша указот за нивно стапување во сила, а Лукиќ ги објавил во Службениот весник, со што и двајцата го прекршиле законот.

И двајцата на прелиминарното рочиште во Судот на Босна и Херцеговина се изјаснија за невини, а нивната одбрана се заснова на тврдењето дека Шмит не бил легитимно избран висок претставник и покрај тоа што е избран според пропишаната процедура, па според нивното толкување, тој не можел ниту да наложи измени на кривичниот закон. 

Зачлени се на нашиот е-билтен