Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Судењето за случајот „Ласкарци“ вратен на почеток

По повеќе од една година супервештачења за автобуската несреќа кај село Ласкарци, во која загинаа 16 лица, конечно се изготвија и беа доставени до Кривичниот суд Скопје, судскиот процес за овој случај денеска започна од почеток.

Почетокот на судењето беше само формален, бидејќи сите присутни се согласија материјалните докази во постапката само да бидат прочитани и судењето да продолжи онаму каде што застана во првичната постапка.

На денешното рочиште само се читаа насловите на двете супервештачења, како и имињата на машинските и сообраќајните инженери што ги подготвиле истите, по што следуваше ново одложување, бидејќи обвинителот и адвокатите на обвинетите побараа вештите лица да сведочат пред судот.

Семејства и роднини на починатите повторно беа присутни во судницата. Тие имаа увид во супервештачењето на кое се чекаше цела година. Според нив, тоа што супервештачењата се подготвувале цела година, а денеска вештите лица воопшто не се присутни во судница, фрла сомнеж дека некој се обидува да се спаси од одговорност.

Супервештачењето што го чекавме повеќе од една година и фактот што денеска не се појавија вештаците, повторно ни создава сомнеж дека овој судски процес не оди во насока да се избегнат секирањата и да се заборави, и со тоа да се даде можност вистината и правдата да излезат на виделина, изјави Синиша Ристовски, брат на починатиот Дејан Ристовски, починат во сообраќајката кај Ласкарци.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Вештиот наод од Бирото за вештачење пристигна на изминатото рочиште и истиот им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители.

Во изјава за медиуми по денешната расправа на која судот донесе решение, по дадена согласност на сите странки, поради економичност и целисходност на постапка, сите досега изведени докази да се прочитаат и постапката да продолжи со увид во супервештачењата, предвиден за наредното рочиште, Ристовски рече дека додека не се одржи рочиштето во четврток, на кое е предвидено да сведочат два тимови на машински и сообраќајни инженери, не можеме да бидеме сигурни дали повторно ќе има судски процес.

Треба да знаете
Moже да ве интересира