Првиот вицепремиер Изет Меџити во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека законот за бранителите „ќе остане заглавен“.
– Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во комисија која се води од Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане, вели Меџити како одговор на прашањето дали од коалицијата ВРЕДИ разговарале по ова прашање со премиерот Христијан Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој негов став е сосема спротивен на последно искажаниот став на неговиот шеф и премиер Мицкоски кој пред десет дена рече дека бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат неговата недвосмислена поддршка.
На новинарско прашање во врска со ставот на коалицискиот партнер Вреди, од каде рекоа дека ако се донесат измените на Законот за бранителите, треба да се донесе и закон за правата на поранешните борци на ОВК, Мицкоски избегна директен одговор и, како што вообичаено постапува во вакви ситуации, се обиде фокусот да го префрли на опозициската СДСМ.
– Овој закон е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, односно од СДСМ, а интересно, кога се гласаше потребата од дневниот ред, СДСМ ја напушти седницата. Значи, самата пратеничка и СДСМ не го поднесоа законот затоа што им мислат добро на бранителите, туку за да создадат повторно етнички тензии, етничка нетрпеливост, зашто тоа е картата на која и тие и другите опозициски партии – рече денеска Мицкоски.
Првиот вицепремиер Меџити, во манирот на Мицкоски, исто така избегна директен одговор на прашањето дали останува условот за поддршка е паралелно да се донесе и закон за привилегии на припадниците на ОНА, кој тој лично го најави како опција кога законот за бранителите стана актуелен и само рече дека целата работа е смислена од претходната власт.
– Дилемата и прашањето е зошто СДСМ кој до вчера се бореше со граѓански концепт, кој направи резултат и со албански гласови, има видни членови Албанци и во нивните структури, зошто не направи ништо за ова додека беше на власт последните осум години? И зошто баш сега имаат предлог за бранителите? Ова мислам дека е дневна политика и оди во функција на дестабилизација на процесите и на државата. Значи, синхронизирани се со ДУИ, само за да не одговараат, тврди Меџити.
Пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска, која е иницијатор на законот во настап на ТВ21 го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори дали се согласува со ставот на Меџити дека законот за бранители ќе остане заглавен е и став на владината коалиција.
-Со оглед на тоа дека Премиерот Мицкоски изјави дека стои зад бранителите, очекувам со политичкиот кпацитет и авторитет кој го има како некој кој на последните избори освои 500.000 гласови да овозожи Законот да биде донесен. Ова прашање не смее да биде предмет на префрлање одговорност, туку носење политички одлуки. Премиерот Мицковски да одговори дали овој став на Меџити е и став на владината коалиција, вели Петровска.