Судот на ЕУ: Данскиот „гето-закон“ за домување може да биде дискриминаторски

Највисокиот суд на Европската унија пресуди дека данскиот закон за домување од 2018 година, познат како „гето-закон“, може да претставува дискриминација врз основа на етничко потекло, што би можело сериозно да ја доведе во прашање имиграциската политика на Данска.

Законот, кој предвидува иселување на жители од населби со висок процент имигранти, досега беше сметан од дел европски влади како пример за строга, но ефикасна политика. Сепак, одлуката на Судот на ЕУ отвора сериозни правни и етички дилеми околу неговата примена.

Данските власти тврдат дека целта на законот е подобра интеграција, но неговото спроведување – кое вклучува и уривање на социјални станбени објекти во Копенхаген и други градови – предизвика остри реакции од организации за човекови права, засегнати граѓани, па дури и од Обединетите нации.

Во фокусот на случајот пред Европскиот суд на правдата е прашањето дали користењето на терминот „етничко потекло“ како критериум за класификација на населбите е во согласност со европските антидискриминаторски закони. Судот во своето толкување наведува дека законот може да доведе до поголем ризик од предвремено раскинување на договорите за наем и присилно иселување на жителите, во споредба со слични населби со понизок процент имигранти.

Судот на ЕУ појаснува дека во вакви случаи не донесува конечна одлука, туку дава обврзувачко правно толкување, додека конечната пресуда останува во надлежност на данските судови.

Адвокатот Еди Хаваја, кој ги застапува жителите на населбата Мјолнерпаркeн во Копенхаген и кој уште во 2020 година покрена правна постапка, изјави дека е позитивно изненаден од одлуката, нагласувајќи дека е „многу тешко да се оправда тврдењето дека станува збор за неутрален критериум“.

Според данските прописи, една населба се означува како „подрачје за трансформација“ доколку повеќе од 50 проценти од жителите се имигранти од не-западни земји или нивни потомци, и ако се исполнети најмалку два дополнителни критериуми поврзани со образованието, приходите, криминалот или учеството на пазарот на труд. Законот предвидува и намалување на уделот на социјални станови на 40 проценти до јануари 2030 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен