Судот ги одби наводите на одбраната дека обвинетиот Раде Трајковски – Штекли не е способен да ја следи главната расправа во случајот за трговија со дрога „Штекли“, оценувајќи дека вештачењата на одбраната и на Обвинителството не се контрадикторни.

Претседателот на судечкиот совет, судијата Илија Трпков, на денешното рочиште соопшти дека судот се согласува со мислењето на психијатарот Оливера Суботин Поповска, според кое обвинетиот е способен да го следи судењето и да се произнесе за вина.
„Само во исклучителни случаи се наредува супер-вештачење, но во овој случај судот беше убеден во проценката на вештото лице“, изјави судијата Трпков.
Одбраната претходно тврдеше дека Штекли е во психотична состојба и не може да учествува во постапката, но вештачењето на обвинителството утврдило дека неговата психичка состојба е стабилна и дека нема основ за прекин на процесот.
Во случајот „Штекли“ се обвинети вкупно 10 лица за организирана трговија со дрога. Дел од обвинетите веќе признаа вина и добија затворски казни од три до три и пол години. Според Обвинителството, групата функционирала како добро организирана мрежа за набавка и продажба на кокаин и марихуана, а клучни докази биле обезбедени преку системот Cellebrite за анализа на мобилни телефони.