Според Судскиот совет, сопругот на Дамева, Младен Дамев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Скопски пазар“ се јавувал како оштетен и како тужител во неколку предмети што се воделе и што сѐ водат во Кривичниот и во Апелациониот суд
Расправии и меѓусебни обвинувања повторно се случуваат во Судскиот совет. На денешната седница на точка на дневен ред беше ставен евентуален судир на интереси на разрешената претседателката Весна Дамева. За Дамева имало обвинувања дека учествувала во постапки при одлучување одговорност за судии, каде што како странка се јавувал нејзиниот сопруг.
Според Судскиот совет, сопругот на Дамева, Младен Дамев, претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Скопски пазар“ се јавувал како оштетен и како тужител во неколку предмети што се воделе и што сѐ водат во Кривичниот и во Апелациониот суд.
Дамева образложуваше дека имала доставено две известувања до советот откако дознала дека нејзиниот сопруг се јавува како странка во постапки, рече дека не барала изземање оти била сигурна дека ќе одлучува професионално и непристрасно и дека за тоа дали ќе биде изземена или не требало да одлучи Советот. Таа дополнително образложуваше дека дома со сопругот не разговараат за работа.
„Ние дома не разговараме за службени работи, мојот сопруг нема законска обврска да ми кажува за неговите деловни односи. Ниту тој знае што јас постапувам, ниту јас знам какви судски постапки се водат“, рече Дамева и додаде: „тресете ме цела, но истото и да важи и за другите членови“.
Павлина Црвенковска, член на Судскиот совет и поранешнa претседателка рече дека обврска на Дамева била кога станала член на Судскиот совет да праша каде нејзиниот сопруг има предмети.
Дамева пред почетокот на седницата на која се расправа за нејзината работа обвини дека Советот има и селективен пристап кон медиумите, односно дека материјалите за денешната седница биле доставени само до еден портал, а не и до останатите медиуми.
Прашањето за евентуалниот судир на интереси беше одложено за наредна седница.