Под слоганот „100 години вредности за 100 години иднина“ на 15 ноември 2025 година, во Домот на култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, ќе се одржи Свечената академија по повод 100 години од основањето на Планинарскиот клуб „Љуботен“.Настанот претставува централна прослава на вековното постоење на најстариот планинарски клуб во Македонија, симбол на истрајност, колективен дух и трајна љубов кон планината.

Свечената академија ќе започне во 18:00 часот и ќе обедини сегашни и поранешни членови, планинари, институции и поддржувачи на клубот. Програмата ќе вклучува изведба на химната на Република Македонија од Градскиот мешан хор „Балтепе“, поздравни обраќања од Претседателката на Републиката, претседателот на ФПСМ и претседателот на ПК „Љуботен“, како и доделување признанија, плакети и почесни титули за заслужни членови и соработници. Во рамки на академијата ќе биде отворена и мултимедијална изложба со ретки архивски фотографии и материјали од историјата на клубот, проследена со свечен коктел.

Еден од најзначајните моменти на овој настан ќе биде премиерното прикажување на дел од документарниот филм посветен на историјата и духовната традиција на ПК „Љуботен“, изработен од авторскиот тим Милчо Силјаноски, Ненад Велкоски, Христијан Џогов, Ѓорѓе Богдановски и Емануел Трпчевски (Red Central Production). Првиот тизер за документарниот филм погледнете го тука.

Авторите наведуваат дека најинтересните моменти од подготовката биле непосредните дружби со членовите на клубот, каде што ја почувствувале неговата вистинска магија и дух. Во процесот го откриле силното чувство на припадност што со годините се развивало меѓу планинарите – врска што ги надминува возраста, полот, националноста и верските разлики и ги обединува како едно големо семејство. Посебно ги допрело сведоштвото на Панче Грнчароски за спасувачката акција во педесеттите години, при која огромна лавина во Мавровскиот регион го сопрела течението на Радика и однела жртви. Херојската реакција на членовите на клубот, како дел од спасувачката експедиција, останува силен доказ за значењето и хуманата мисија на „Љуботен“.

На прашањето како би ја опишале љубовта кон планината во една реченица, авторите истакнуваат дека во современото динамично секојдневие, планината претставува спротивен свет што нè враќа кон суштината, кон вредностите на животот и кон љубовта кон себе и кон другите. За нив, планината е љубов кон животот.

Прославата на 100-годишниот јубилеј на ПК „Љуботен“ е повик за заедничко потсетување на корените, спомените и луѓето што го создадоа клубот, но и поглед кон иднината и новите генерации што ќе го продолжат неговиот дух. Настанот е отворен за јавноста, а влезот е слободен.

