Ужасни сведоштва од пожарот во кочанската дискотека: „Сцените беа апокалиптични“

Пожарникари и преживеани опишаа стампедо, блокиран излез, високи температури и драматична борба за спасување животи.

Потресна атмосфера владееше во судницата за време на рочиштето за смртоносниот пожар во кочанската дискотека, трагедија што однесе многу млади животи. Сведоците опишаа ноќ исполнета со паника и очај, кога во раните утрински часови избувнал пожар што за кусо време го зафатил просторот и предизвикал хаос меѓу присутните кои се обидувале да се спасат.

Пожарникарот Благојчо Паунов изјави дека нивната екипа пристигнала само пет минути по дојавата, но веќе затекнале преплетени тела пред влезната врата. Најкритично било кај билетарницата и тоалетите, каде што имало заглавени млади луѓе. Тој раскажа дека пронашол повеќе од десет деца без знаци на живот и веднаш била повикана дополнителна помош за извлекување.

Според сведочењата, дел од присутните биле во шок, додека други во паника се туркале за да стигнат до излезот. Телата на настраданите биле изнесувани и редени на паркингот. Иако имало противпожарно црево, недостасувал вентил за негово користење. Од густата маса луѓе пламените јазици речиси и не се гледале, а интервенцијата била исклучително отежната.

Командирот Драган Апостолов опиша екстремно висока температура во објектот, изгорен плафон и уништени делови од ентериерот. Биле пронајдени и целосно изгорени тела. Тој посочи дека жештината била толку силна што ги пробивала и заштитните одела. Во спасувањето учествувале пожарникари, полицајци, обезбедување и граѓани.

Интервенцијата траела речиси два часа, а пожарот бил ставен под контрола околу 4 часот. Дополнителен проблем бил блокираниот пристап поради паркирани возила.

Преживеани сведочеа дека дел од нив се онесвестиле и се разбудиле надвор, веќе спасени. Дел од сведоците тврдат дека пред реновирањето, плафонот на диското бил повисок, а потоа забележале дека е спуштен пониско. Други посочија дека во објектот и претходно се користела пиротехника и дека не добиле фискални сметки за билетите. Дел од преживеаните и денес имаат изгореници и проблеми со дишењето поради токсичните гасови.

Зачлени се на нашиот е-билтен