Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Светска Банка за Албанија: Економски раст во 2024 година 3,3 отсто, јавниот долг се очекува да падне на 58,2 отсто

Светска банка проценува дека во оваа календарска година се очекува економскиот раст во Албанија да биде 3,3 отсто, во контекст на ограничените финансиски услови на меѓународните пазари и ограничениот економски раст во Европа.

Во редовниот економски извештај за земјите од Западен Балкан објавен денеска, како што јави Ора њуз, се очекува проширувањето на туризмот и градежните активности да го стимулираат растот на извозот, потрошувачката и инвестициите со стапки слични на нивоата пред пандемијата.

-Се очекува стапката на инфлација да почне да се враќа на целта од 3 отсто на почетокот на 2025 година. Примарниот биланс на Албанија се предвидува да достигне 0,2 отсто од БДП во 2024 година и да остане на слични позитивни нивоа во согласност со фискалната регулатива. Се очекува да се постигне фискална консолидација и кај приходите и кај расходите, се наведува во извештајот.

Во однос на приходите, во извештајот се нагласува дека Владата планира да продолжи со подобрување на администрирањето на даноците, предвидена во среднорочната стратегија за приходи.

-Јавниот долг се очекува дополнително да се намали до 58,2 отсто од БДП во 2024 година и да продолжи да опаѓа на среден. Со оглед на зголемената зависност на Албанија од надворешно финансирање, ризиците поврзани со девизниот курс, каматната стапка и рефинансирањето остануваат високи, се цитира во извештајот.

Понатамошните зголемувања на цените на храната и енергијата, според извештајот, претставуваат значителен ризик за економскиот раст, бидејќи може негативно да влијаат на реалниот расположлив доход, да го забават намалувањето на сиромаштијата и потенцијално да го ограничат фискалниот простор.

-Како мала и отворена економија, Албанија е силно изложена на надворешни шокови, како што е рецесијата во ЕУ или дополнително заострување на условите за финансирање на меѓународните пазари на капитал во наредните години, се наведува понатаму. Се забележува дека ризиците за економскиот раст произлегуваат од природните катастрофи и неповолните глобални услови, се оценува во извештајот.

Фискалните ризици, се нагласува понатаму, потекнуваат од јавно-приватните партнерства и државните претпријатија, како и од секторот на електрична енергија заснован на производство од хидроизвори, главно поради промените во хидролошките услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен