Македонија со најлоша економија годинава, но и во следните две, прогнозира Светска банка. Загрижени се и за влијанието на заемот од Унгарија врз јавниот долг. Од банката очекуваат 2024 да се заврши со скромен раст од само 1,8 отсто. Ова е пониско од пролетната проекција од 2,5 проценти. Една од причините за ваквите бројки е тоа што, иако се очекувало да започне реализацијата на Коридорите 8 и 10 Д тоа не се случило, вели за ТВ Телма Сања Маџаревиќ Шујстер од Светска банка.
-Ако се сеќавате проекцијата беше 2, 5 проценти и надежта беше дека двата автопати ќе започнат, но сега сме на средината на октомври така што немаме многу време има одредени структурни прашања со процесот на јавни инвестиции тие се многу бавни, а во случајот со Северна Македонија многу повеќе време толку што би се очекувало, вели Сања Маџаревиќ Шујстер за ТВ Телма.
Од Светска банка сметаат дека е ризичен заемот од 500 милиони евра од Унгарија, но и за постапката за повлекување и на новиот заем, исто од 500 милиони евра.
Од банката сметаат дека условите се добри, но се загрижени заради зголемувањето на јавниот долг кој годинава ќе биде 63, 5 отсто од БДП и за состојбата со дефицитот.
– Ризикот во моментов е доста голем и е дирекно поврзан со фискалната состојба што значи високи дефицит односно продолжениот период на висок дефицит и релативно големото ниво на долг и тоа е особено случај кога ќе ја споредите Северна Македонија со другите земји во регионот. Иако, пред 6 до 7 години земјава беше релативно малку задолжена со релативно стабилни финансии ова веќе не е случај, додава Шујстер.
Според Светска банка со најголем економски раст оваа година ќе бидат Србија и Косово, по што следи Црна Гора, Албанија па БиХ.
За банката еден од најголемите удари на земјите од регионов е иселувањето. И сугерираат на Владата да се фокусира на подобрување на здравствените услуги, образованието, корупцијата.
Извор: ТВ Телма