Светските берзи експлодираат – Волстрит и Европа на историски рекорди, инвеститорите слават пониски камати

Цените на акциите на Волстрит и европските берзи минатата недела достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од зголемените очекувања дека Федералните резерви ќе продолжат со намалување на каматните стапки до крајот на годината.

На Волстрит, Dow Jones порасна за 1,1% на 46.758 поени, S&P 500 за 1,1% на 6.715, а Nasdaq за 1,3% на 22.780 поени – што ги постави сите три индекси на највисоките вредности во историјата.

Главен двигател на растот е слабеењето на американскиот пазар на труд, што ја поттикна централната банка да ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со очекувања дека ќе следат уште две слични намалувања во октомври и декември.

Иако дел од гувернерите на ФЕД предупредуваат дека инфлацијата сè уште е над целните 2%, инвеститорите остануваат оптимисти, очекувајќи дека поевтините кредити ќе ја поттикнат економијата и корпоративните добивки.

Минатата недела тргувањето беше нешто послабо поради привремено затворање на федералните институции во САД, откако Конгресот не успеа да постигне договор за финансирањето. Аналитичарите предупредуваат дека политичкиот застој може да се пролонгира, но досегашните искуства покажуваат дека ваквите ситуации ретко имаат сериозно влијание врз пазарите.

И европските берзи бележат силен раст: лондонскиот FTSE порасна за 2,2%, DAX за 2,65%, а парискиот CAC за 2,7%, при што индексот STOXX 600 достигна највисоко ниво во својата историја.

Аналитичарите велат дека комбинацијата од стабилизирање на инфлацијата, очекувањата за намалување на каматите и добрите корпоративни резултати создаде „совршена бура за раст“ на глобалните пазари — барем засега.

Зачлени се на нашиот е-билтен