Околу 2,7 милиони луѓе во Европа годишно умираат од тутун, алкохол, преработена храна и фосилни горива, се вели во извештај на Светската здравствена организација (СЗО).
СЗО денеска ги повика владите да воведат построга регулатива за производите штетни за здравјето.
Како што пишува „Гардијан“, во споменатиот извештај СЗО навела дека индустријата за тутун, алкохол и преработена храна поттикнуваат лошо здравје, па дури и прерана смрт, користејќи маркетинг.
Тие додаваат дека на овој начин индустриите се мешаат во напорите на светските влади да спречат болести кои можат да бидат фатални како рак, срцеви заболувања и дијабетес.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс-Анри Клуге рече дека тактиките на индустриите вклучуваат искористување на ранливите луѓе преку насочени маркетинг стратегии, заведување на потрошувачите и лажни тврдења за придобивките од нивните производи или нивните еколошки акредитиви.
Новиот извештај покажува дека тутунот, фосилните горива и алкохолот се одговорни за повеќе од 7.400 смртни случаи што се случуваат секој ден во 53 европски земји.
„И покрај здравствените ризици, само мал дел од европските земји го забранија пушењето на јавни места, додека напорите да се направат штетните производи помалку привлечни преку обична амбалажа, оданочување на алкохол и означување на храната исто така не се спроведени во повеќето земји“, се наведува во извештајот на СЗО.