Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тахири: Курти со барањата до ЕУ во врска со ЗСО потврдува дека е аматер и класичен измамник

Шефот на пратеничката група на опозициската Алијанса за иднината на Косово (AAK), Бесник Тахири вели дека премиерот Албин Курти, со неговото барање Брисел да го испрати на Венециската комисија нацртот на Европската унија за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово (ЗСО), покажа дека е аматер и класичен измамник, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коментирајќи го барањето на Курти до посредникот на ЕУ во дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак да го испрати нацрт-статутот на ЗСО на евалуација до Венецијанската комисија, Тахири изјави дека премиерот бара „ЕУ и Лајчак да служат како портпароли на неговата Влада“.

„Премиерот Курти, во потрага по излез од ќорсокакот во кој самиот влезе и во кој го внесе Косово со нацртот за Заедницата, што резултира со оставањето на земјата во чекалната за членство во Советот на Европа, бара ЕУ и Лајчак да служат како портпароли на неговата Влада, сугерирајќи дека тие може да го однесат нацртот до Венецијанската комисија. Ова е аматеризам и класична измама“, напиша Тахири на Фејсбук.

Според шефот на пратениците на партијата на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, Курти претставува „голема нула во лидерството“ на државата.

„Курти треба да знае дека во име на Република Косово ниту една трета страна не може и нема мандат да испраќа документи на разгледување. Но, она што се крие меѓу редови е дека Курти, преку употребата на името на ЕУ во однос на Венеција, најавува дека ќе има нацрт кој може да заврши во таа Комисија. Зошто овој човек не се запраша себеси, до кога и до каде ќе продолжи да владее без никаква храброст што ја бара функцијата на која седи. Едноставно, овој човек претставува една голема нула во лидерството“, заклучи Тахири.

Зачлени се на нашиот е-билтен