Британскиот „Тајмс“ објави дека новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е без свест и прима терапија во Ком, повикувајќи се на разузнавачки меморандум заснован на американски и израелски извори.
Веста доаѓа во период кога Хамнеи не се појавува во јавноста, а околу состојбата во иранскиот врв веќе со недели кружат спротивставени информации.
Засега, меѓутоа, ваквото тврдење не е официјално потврдено од Техеран. Напротив, „Волстрит журнал“ пред неколку дена пренесе изјава од портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, според која новиот лидер е во добра здравствена состојба, а неговото отсуство од јавноста се објаснува со воени и безбедносни услови.
И Ројтерс уште во март објави дека според ирански и израелски проценки Моџтаба Хамнеи бил само полесно повреден во нападите и дека останал активен, иако не се појавувал јавно.
Тоа значи дека најновата информација од „Тајмс“ отвора повеќе прашања отколку што дава одговори: дали станува збор за нагло влошување на здравјето, за дезинформации во услови на војна, или за уште една епизода од нетранспарентната борба за моќ во самиот врв на иранската држава.