Тајна средба на германски пратеник со блиски лица на Путин предизвика безбедносни грижи

Германските пратеници побараа објаснување од висок претставник на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) во парламентарната комисија која ги разгледува активностите на разузнавачките служби, откако се дозна дека одржал тајни разговори со блиски лица на рускиот претседател.

Ралф Штегнер, член на парламентарната комисија за контрола во Бундестагот, е еден од политичарите од СПД и Христијанско-демократската унија (ЦДУ) кои во април учествувале на состанок во Баку. На 13 април во главниот град на Азербејџан, тие се сретнале со поранешниот руски премиер Виктор Зубков, претседател на надзорниот одбор на „Газпром“, и Валериј Фадеев, претседател на рускиот совет за човекови права, санкциониран од ЕУ.

Учесниците од двете страни биле поранешни членови на „Петербуршкиот дијалог“ – форум основан во 2001 година од Владимир Путин и тогашниот германски канцелар Герхард Шредер. Форумот беше официјално распуштен во 2021 година поради репресиите на Русија против неколку граѓански организации.

Четворица германски учесници – Штегнер, Роналд Пофала, поранешен шеф на кабинетот на Ангела Меркел, и двајца поранешни регионални министри, потврдија дека биле на „приватен“ настан во Баку.

Средбата се одржа во време кога односите на Русија со ЕУ се замрзнати поради руската инвазија на Украина, што покрена прашања за подготвеноста на некои политичари да бараат приближување со Русија и покрај војната.

Критичарите изразија загриженост за безбедноста на Штегнер, кој како член на комисијата за контрола има привилегиран пристап до чувствителни разузнавачки информации.

„Ова е недозволив и загрижувачки развој на настаните кој мора веднаш да се разјасни, изјави Константин фон Ноц“, претседател на комисијата од партијата „Зелени“, за списанието „Шпигел“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен