Тајни инвестиции во Скопје: Странци купуваат станови додека половина град е празен

Додека цените на недвижностите растат, сè повеќе станови се купуваат како инвестиција, а не за живеење, во делови од Скопје и над половина од становите се празни.

Македонскиот пазар на недвижности сè поинтензивно го привлекува интересот на странските инвестициски фондови, кои во време на глобална економска неизвесност бараат стабилни и профитабилни дестинации за вложување на капиталот. Брзиот раст на цените на становите, особено во Скопје, се наметнува како главен мотив за ваквите инвестиции, при што недвижностите се третираат како сигурен начин за зачувување и зголемување на вредноста на капиталот.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, потврди дека во изминатиот период е регистриран зголемен интерес од странски фондови за купување станови, претежно во новоградба. Според негови информации, инвестициски фондови купуваат значителен број станови, најчесто во атрактивни урбани локации.

Неофицијално дел од медиумите објавуваат дека, еден дански инвестициски фонд веќе купил околу 40 станови во објекти во изградба во централното подрачје на Скопје. Засега не е познато дали тие станови ќе се издаваат под кирија или ќе се чуваат како инвестиција со очекување на понатамошен раст на цените.

Статистиката на Народната банка покажува силен раст на цените во изминатите години. Само минатата година годишниот раст достигна 25 проценти, што е највисоко ниво во последните седум години. По умерениот раст во 2019 и забавувањето во 2020 година за време на пандемијата, од 2021 наваму следуваше изразен нагорен тренд. И покрај одредена стабилизација во 2023 и 2024 година, цените останаа високи и привлечни за инвеститорите.

Но, зад ваквиот раст стои и еден парадокс. Пописот од 2021 година покажа дека над една третина од становите во државата се празни, а во Скопје околу 30 проценти од станбениот фонд не се користи. Во делови од Центар, Карпош и Кисела Вода, ненаселеноста достигнува и над 40 или 50 проценти. Тоа укажува дека значителен дел од становите се купуваат како инвестиција, а не за живеење.

Експертите објаснуваат дека станува збор за таканаречени „project-based“ вложувања, каде фондовите влегуваат во конкретни проекти со јасна цел и рок, купуваат повеќе станови во една зграда или комплекс и подоцна излегуваат од инвестицијата.

Славески предупредува дека ваквиот тренд носи ризици, бидејќи нема гаранција дека цените ќе продолжат да растат со исто темпо. Во услови на економско забавување или промена на очекувањата, можно е стагнирање или пад на цените.

Иако Македонија и понатаму е земја со висока стапка на сопственост на домови, растечките цени и големиот број празни станови отвораат прашања за одржливоста на пазарот и за тоа дали недвижностите стануваат повеќе инвестициски производ отколку простор за живеење.

Зачлени се на нашиот е-билтен