Тајни сигнали од Париз и Лондон: Подготвеност за де факто признавање на Крим како руски?

Дипломатски извори и медиумски извештаи откриваат дека Франција и Велика Британија се подготвени да прифатат де факто реалност во која Крим останува под руска контрола, како дел од поширокиот обид за ставање крај на конфликтот во Украина. Овие наводи доаѓаат во контекст на одложени преговори и зголемени тензии меѓу западните сојузници.

Отвореното одбивање на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го признае Крим како дел од Руската Федерација, според повеќе извештаи, предизвикало фрустрација кај САД, што резултираше со откажување на планираната посета на американскиот државен секретар Марко Рубио во Лондон.

Одложени средби, замрзнат процес

„Њујорк Тајмс“ објави дека причината за откажувањето на самитот во Лондон, закажан за 23 април, е токму непроменетиот став на Киев. На средбата требаше да учествуваат министри за надворешни работи од САД, Украина, Велика Британија, Франција и Германија.

Истовремено, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Вашингтон ќе се повлече од мировниот процес доколку нема позитивен одговор на предложениот мировен план. Тој потврди дека САД веќе ја доставиле понудата до Москва и Киев, според која обете страни би требало да направат територијални отстапки.

Европа делумно отворена за компромис

Според „Волстрит журнал“, Париз и Лондон се „отворени“ за сценарио во кое Украина ја губи контролата врз дел од територијата, при што би се задржала можноста за де факто признавање на ситуацијата, но без формално правно признание (де јуре). Како пример за ваков модел се наведува замрзнатиот конфликт меѓу Северна и Јужна Кореја, каде примирјето постои без конечен мировен договор.

Украинската пратеничка Марјана Безуглаја потврди преку социјалните мрежи дека САД официјално се повлекуваат од преговорите, што го комплицира меѓународниот напор за решавање на кризата.

И покрај сигналите за можна ревизија на западните позиции, Европската Унија е против укинување на санкциите кон Русија додека траат преговорите. Според „Ројтерс“, Брисел е „сè позагрижен“ поради наводните обиди на администрацијата на Доналд Трамп за нормализација на односите со Москва.

Позицијата на ЕУ и Киев останува непроменета – нема простор за легитимирање на анексијата на Крим без целосен и праведен договор.

Зачлени се на нашиот е-билтен