Истражувачката сторија „Тајните на флотата во сенка“ на група медиуми предводени од „Фолоу Мани“ е добитник на овогодишната награда за истражувачко новинарство „Дафне Каруана Галиција“, што ја доделува Европскиот парламент.
Сторијата говори за шема преку која Русија за над шест милијарди долари купила стари танкери за нафта од западни бродосопственици, кои биле користени за илегален транспорт на руска нафта во рамки на т.н. „флота во сенка“.

Според, истражувачката сторија, германски, норвешки, британски и пред се грчки компании оствариле исклучително високи профити од продажба на 230 стари, кородирани и небезбедни танкери со кои се транспортира руска нафта, се заобиколуваат санкциите кон Русија и се финансира руската агресија врз Украина. Овие танкери сега работат под нетранспарентни сопственички структури и честопати без соодветно еколошко осигурување, со што претставуваат значителни еколошки ризици.
Како што се наведува во образложението на наградата, комбинирајќи го традиционалното истражувачко новинарство со анализа на податоци, сателитско следење и интервјуа со членови на екипажите кои работат во опасни услови, ова дело ги следи сложените структури на корпоративна сопственост, ги анализира моделите на испорака и ја открива човечката цена на оваа трговија.
„Истрагата разоткрива сложена мрежа на европска вмешаност во избегнувањето на санкциите од страна на Русија, вклучувајќи осум агенции за вработување на бродови од „флотата во сенка“, кои работат во границите на ЕУ и дваесет со седиште во Украина. Истрагата ги следи врските на членови на екипажите на 60 бродови на „флотата во сенка“ со компании во европските земји, откривајќи како обичните европски бизниси се заплеткале во воената економија на Русија“, се вели во образложението.
Во изработката на сторијата биле вклучени 40 новинари од истражувачките мрежи „Фолоу Мани“ од Холандија, „Данвоч“ од Данска, „ИРПИ Медија“ од Италија, „Соломон“ и „Инсајд Стори“ од Грција и „СоурсМатиријал“ од Велика Британија, телевизиите НРК од Норвешка, НДР и ВДР од Германија, весниците „Тијд“ од Белгија, „Тајмс“ од Велика Британија и „Зидојче Цајтунг“ од Германија и невладините организации Проект за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) и Дајалог Ерт.
На денешната церемонија за прогласување на лауреатот во Стразбур, претседателка на Европскиот парламент, Роберта Мецола изјави дека наградата „Дафне Каруана Галиција“ е доказ за нераскинливата врска помеѓу слободниот печат, демократијата и мирот.
„Во време кога авторитарните режими се обидуваат да ја замолчат вистината и да ја искриват реалноста, Европа е обединета зад новинарите кои ја разоткриваат корупцијата и сите оние кои одбиваат да бидат замолчени“, изјави Мецола.
Право на учество за наградата имаат професионални новинари или новинарски тимови кои конкурираат со своја истражувачка сторија објавена или емитувана во медиуми со седиште во една од 27-те земји членки на Европската Унија.
Лауреатот го избира независно жири, составено од претставници на медиумите и на граѓанското општество од ЕУ, како и на водечките европски новинарски здруженија. Наградата, покрај признание, носи и паричен надомест од 20.000 евра.
Досегашни добитници на наградата се „Проект Пегаз“ на конзорциумот „Форбиден Сторис“, документарецот „Централноафриканската Република под руско влијание“ на Клемент Ди Рома и Керол Валаде, заедничката истражувачка сторија за потонувањето на брод со мигранти кај островот Пилос на „Соломон“, „Форензис“, „СтргФ/АРД и „Гардијан“ и сторијата „Изгубени во Европа“ за исчезнати малолетни мигранти без придружба по европските мигрантски рути.
Дафне Каруана Галиција беше малтешка новинарка, блогерка и активистка за борба против корупцијата која известуваше за случаи на корупцијата, перење пари, организиран криминал и т.н. „продажбата на државјанства“ на Малта, како и за вмешаноста на малтешката Влада во скандалот со „Панамски документи“.
По малтретирањата и заканите, таа беше убиена при експлозија на автомобил-бомба на 16 октомври 2017 година. Јавното негодување поради начинот на кој властите ја водеа истрагата за нејзиното убиство доведе до оставка на тогашниот малтешки премиерот Џозеф Мускат.