Кина се закани со нови трговски мерки против Тајван пред клучните избори во островската држава во сабота и во време додека Тајпеј се жали на повеќе кинески балони кои летаат низ Тајванскиот теснец, од кои некои влегле на негова територија, а претседателскиот кандидат на владејачката партија предупредува на „лажен“ мир со Пекинг.
Претседателските и парламентарните избори во сабота се одржуваат во услови на сè повоинствена реторика меѓу Тајван и Кина, која тврди дека островската држава е нејзина територија, иако Владата во Тајпеј на тоа силно се противи.
Тајванската влада ја обвини Кина за невидено мешање во изборниот процес. Пекинг користи сè, од воена акција до трговски санкции за да ги придвижи гласачите кон прокинеската страна, тврди Тајпеј. Кина ги прогласи изборите за избор меѓу војна и мир и тврди дека наводите за мешање се „валкани трикови“ на владејачката Демократска напредна партија во Тајван (ДПП).
Кина го смета кандидатот на владејачката партија за сепаратист.
Кандидатот на ДПП Лаи Чинг-те рече дека доколку победи, ќе го задржи статус квото и ќе се залага за мир преку зајакнување на државата, но и дека е отворен за ангажман со Пекинг во услови на еднаквост и достоинство.
Кина го смета за сепаратист и предупредува дека секој обид за формална независност на Тајван ќе значи вооружен конфликт. Сепак, Лаи сака да разговара со Пекинг.
„Мирот е непроценлив и нема победници во војна. Мирот без суверенитет како во Хонг Конг е лажен мир“, им рече тој на новинарите.