Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Танц Фест го одбележува Светскиот ден на танцот, „Менада“ за Марин Црвенов

Со јубилејна претстава под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“, фестивалот Танц Фест, вечер, во Македонскиот народен театар, ќе го одбележи 29 април, Светскиот ден на танцот. 

Во рамки на одбележувањето на Денот, прочитана ќе биде и македонската порака, чиј потписник годинава е примабалерината на Националната опера и балет Сандра Мијалкова, доделена ќе биде наградата „Менада“, а публиката ќе има можност да ја види и претставата „Место. Многу посебно за неа“.

-Се обединуваме да ја прославиме длабоката убавина и трансформативната моќ на танцот како уметничка форма која преку своето изразување ги надминува јазикот, културата и границите допирајќи ги срцата и душите на луѓето ширум светот. Се обединуваме да оддадеме почит на извонредната уметност на движење на телото како длабок израз на човечката креативност, различност и единство, наведува Мијалкова во пораката.

Во чест на танцот ќе настапат младите танчери од студиото за танц „Бах“ од Струга, предводено од Тања Мојсовска – Бах, кое годинава прославува 30 години постоење и кое остави голем печат во развојот на танцовата уметност во Струга и пошироко. „Бах“ ја претставува домашната младинска современа танцова сцена на многу регионални и светски натпревари со голем успех.

Наградата „Менада“ за врвни достигнувања во областа на танцовата уметност ќе му биде доделена на балетскиот уметник Марин Црвенов, доајен на македонскиот балет, кој остави неизбришлив печат во развојот на македонскиот балет и кој активно делуваше на сцената во периодот од 1961 до 1990 година, како долгогодишен првенец. Црвенов е дел од генерацијата која ја зацврсти позицијата на македонскиот балет, остави огромно наследство и одговорност за следните генерации и Танц Фест Скопје со голем пиетет ја продолжува традицијата да се одбележат најдобрите во областа на танцовата уметност.

По доделувањето на наградата, публиката ќе ги проследи кореографиите на Рисима Рисимкин, насловени како „The Best Of“, кои го обиколија светот, со голем успех и беа изведувани на сцените во Њујорк, Париз, Пекинг и др. Ќе видиме фрагменти од претставите „СМС (Сите мои слики), на музика на Дуке Бојаџиев, во изведба на првенката на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на музика на Тони Китановски, во изведба на првенците на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска, Бобан Русески, прима балерината на Националната опера и балет Мими Попалексова-Атанасова, со танчерките Стефани Шаршмит, Викторија Коцева и Марија Андова. Овој дел на програмата ќе заврши со изведба на кореографијата „Котел“, на музика на Тони Китановски, а ќе настапат танчерите на Скопје танцовиот театар Сара Димовска, Јоана Благадуша, Клара Христова, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Нина Петрушевска, Надја Луканова, Теона Ѓуровска, Елена Терзиева и Михаела Колцункова, млади сили на Катедрата за современ танц при Универзитето „Гоце Делчев“. За сите претстави костимите се на Благој Мицевски, а сценографијата на Матеа Мијановиќ.

Во вториот дел на вечерта, следи претставата „Место. Многу посебно за неа“ на кореографката Адријана Данчевска. Во кореографијата е користена музиката од „Болеро“ на Морис Равел, а во живо ќе настапи и музичарот Гоце Наумов. Настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Стефани Шааршмит, Викторија Коцева, Нина Петрушевска, Сара Димовска и гостите од Националната опера и балет Илиана Данилова и Наташа Трендафилова Гицев.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен