И Театар Комедија е дел од иницијативата „Театрите поблиску до публиката“ на Министерството за култура. Одбележувајќи го светскиот ден на театарот, покрај веќе планираната програма и премиера, Театар Комедија на 6 април (сабота) во 20 часот ќе ја изведе претставата „Череп во Конемара“ во режија на Јане Спасиќ.
Автор на текстот е Мартин Мекдона (1970), препознатлив по својот апсурдистички црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Дејството е сместено во рурално место во околината на градот Голвеј, во областа Конемара, каде што живеат навидум богоугодни и длабоко религиозни луѓе.
Во претставата играат Сергеј Димоски (во улогата на Мик Дауд), Елена Кузманов (како Мериџони Раферти), Виктор Арсов (како Мартин Хенлон) и Тони Денковски (полицаецот Томас Хенлон).
Недолго по разменувањето на првите реплики, се открива дека, всушност, ликовите се неморални, лицемерни, злобни, а дека Конемара е место каде што владее безвластие, па и најситна кавга или зајадлив коментар може да поттикнат насилство, па дури и убиство.