Во сенка на засилените тензии и најсилниот американски воен удар врз Исламската Република досега, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, го испрати својот министер за надворешни работи во Москва со јасна мисија – да добие поцврста поддршка од Русија.
И додека американскиот претседател Доналд Трамп и Израел во последните денови отворено зборуваат за можноста од ликвидација на Хамнеи и промена на режимот, Москва внимателно чекори. Русија, која стравува дека ваквите планови можат да го фрлат целиот Блиски Исток во хаос, сè уште нема дадено директна реакција на американските удари врз иранската нуклеарна инфраструктура. Единствено, Путин минатата недела повика на воздржаност и ја понуди Русија како медијатор во спорот околу иранската нуклеарна програма.
Според информации на Ројтерс, шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, носи лично писмо од Хамнеи до Владимир Путин – со барање за посилна руска ангажираност. Иранските власти, пак, не се задоволни од досегашната руска поддршка и очекуваат Москва да заземе поцврст став во однос на израелско-американските притисоци. Засега, не е јасно какви конкретни чекори бара Техеран од Кремљ.
Кремљ потврди дека Путин ќе се сретне со Аракчи, но не откри детали за агендата. Според државната новинска агенција ТАСС, Аракчи изјавил дека Иран и Русија интензивно ги координираат своите позиции околу актуелната ескалација во регионот.
И додека Путин се обидува да игра ролја на посредник, нагласувајќи дека Москва има свои предлози за излез од кризата и за зачувување на цивилниот пристап на Иран до нуклеарна енергија, рускиот лидер одбива да дискутира за сценарија за ликвидација на Хамнеи. Тој тврди дека добил гаранции од Израел оти руските техничари кои работат на нуклеарната централа Бушер нема да бидат цел на нападите.
Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и потписничка на нуклеарниот договор со Иран од кој Трамп се повлече во 2018 година, останува важен играч во регионот – но прашањето е дали ќе премине од неутрална дипломатија кон отворено позиционирање.