На 4 и 5 октомври Штип повторно ќе биде центар на културата, активизмот и граѓанскиот дијалог – преку деветтото издание на фестивалот „Текстилијада“, организиран од „Гласен Текстилец“.
Овој фестивал, кој низ годините прерасна во значајна платформа за борба за работнички права и социјална правда, годинава ќе ја стави во фокус корупцијата – проблем што ја разјадува демократијата, го загрозува достоинството на работниците и ја поткопува довербата во институциите.
„Корупцијата не е апстрактен поим, туку секојдневна реалност што ја живеат работниците – од селективна примена на закони, до клиентелистички вработувања и игнорирање на злоупотреби. Нашата намера е преку култура, јавна дебата и креативен отпор да ја разоткриеме оваа појава и да охрабриме промени“, порачуваат организаторите.
Во рамки на програмата ќе се одржат дебати, конференции и уметнички активности – меѓу кои промоција на новото издание на стрипот „Гласна Синдикалка“, изложби, претстави и јавни дискусии. Штип ќе испрати порака дека „корупцијата не е мода“ и дека отпорот против неправдата е должност на секој граѓанин.
„Борбата против корупцијата е борба за иднината на овој град и за достоинството на секој работник. Без транспарентност нема доверба, без одговорност нема правда“, нагласуваат од „Гласен Текстилец“.
Фестивалот ќе биде пренесуван во живо на Facebook страницата на организацијата.
Целосната програма може да се погледне тука.