Додека Трамп повторно сонува да го купи Гренланд, американските разузнавачки служби наводно веќе се на терен – и тоа не останува незабележано во Копенхаген.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека ќе го повика американскиот амбасадор на разговори поради извештајот на Волстрит журнал во кој се тврди дека на американските разузнавачки агенции им било наредено да се фокусираат на Гренланд поради заканата на Доналд Трамп да го преземе островот.
„Ова е сериозна загриженост за мене бидејќи не ги шпионираме нашите пријатели“, рече Расмусен.
Според WSJ, американските служби се фокусирале на движењето за независност на Гренланд, како и на американските интереси за експлоатација на минерални суровини на полуавтономниот дански остров.
Директорот на американската Национална разузнавачка служба, Тулси Габард, го обвини весникот дека се обидува да го „поткопа претседателот Трамп“ преку „политизација и протекување доверливи информации“. Иако таа не ги негираше обвинувањата, Габард нагласи дека Журнал „го прекршил законот и ја загрозил безбедноста и демократијата на нашата земја“.
Расмусен, говорејќи од состанокот на министрите на ЕУ во Варшава, рече дека овие наводи се „донекаде вознемирувачки“.
„Ќе го поканиме вршителот на должноста на американската амбасада на разговор во МНР, за да се утврди дали се точни информациите“, рече тој. „Загрижувачки е тоа што никој сериозно не ги побива.
Данската разузнавачка служба (ПЕТ) одби да го коментира написот, но за локалните медиуми изјави дека „се разбира забележала“ американски интерес за Гренланд. Поради меѓународното внимание што го привлекува островот, ПЕТ оценува дека расте опасноста од шпионски активности насочени кон Гренланд и Данска.
„Ќе го добиеме Гренланд“
Претседателот Трамп постојано изјавува дека сака САД да ја преземат контролата врз Гренланд. Во интервју за NBC во неделата, тој не ја исклучи можноста за воена акција.
„Не велам дека ќе го направиме тоа, но не исклучувам ништо“, рече тој. Гренланд ни е многу потребен. Таму живеат мал број луѓе, за кои ќе се грижиме и почитуваме. Но, островот ни треба за меѓународна безбедност“.
Во март, тој изјави во Конгресот: „На еден или друг начин – ќе го добиеме“.
Данските власти, исто така, остро ја критикуваа мартовската посета на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на американската воена база на Гренланд. Премиерката Мете Фредериксен го нарече „целосно неприфатлив притисок врз Гренланд, Гренландските политичари и населението на островот“.
Поранешниот американски претседател Џо Бајден, во своето прво интервју по напуштањето на Белата куќа, ги осуди идеите на Трамп за САД да го вратат Панамскиот канал, да го купат Гренланд и да ја припојат Канада како 51-ва сојузна држава.
„Што по ѓаволите се случува? Кој претседател зборува такво нешто? Тоа не сме ние“, изјави тој за Би-Би-Си. „Ние сме за слобода, демократија и можности – не за изнуда“.
Гренланд, најголемиот остров во светот, е под данска власт околу 300 години. Таа има своја влада која одлучува за внатрешни прашања, но надворешната и одбранбената политика ја води Копенхаген.
САД имаат стратешки интерес за Гренланд со децении – таму постои воена база од Втората светска војна, а Трамп дополнително е заинтересиран за ретките минерали што би можеле да се експлоатираат на островот.
Иако повеќето Гренландци сакаат независност од Данска, анкетите покажуваат дека не сакаат да станат дел од Соединетите Американски Држави.