Пленарната седница на Албанското собрание на 18 декември се претвори во сцена налик трибина: пратеници од опозицијата влегоа во физичка пресметка со обезбедувањето, во салата гореа факли, а дел од клупите на министри беа насилно окупирани. Наместо расправа за законите и контролата врз власта, јавноста доби уште една слика на институционален хаос од Тирана.
Според албанските и регионалните медиуми, инцидентите почнале уште пред формалниот почеток на седницата. Обезбедувањето се обидело да ги отстрани пратениците од Демократската партија од местата резервирани за министри, по што настанала турканица и вербални пресметки. Клевис Балиу се обидел да се искачи на масата за да стигне до министерските клупи, но бил спречен од обезбедувачите. Газмент Барди, шефот на пратеничката група на Демократската партија, јавно им наредил на обезбедувачите да не ги допираат пратениците, додека лидерот на опозицијата Сали Бериша предупредил дека ќе има „сериозни последици“ доколку некој пратеник биде нападнат.
Напнатоста ескалирала кога пратеникот Бељинд Кељиќи запалил факел во просторијата на владиниот кабинет, а претседателот на Собранието Нико Пељеши ги исклучил од седницата Клевис Балиу и Фламур Ноку. Дел од снимките, пренесени и од регионални телевизии, покажуваат дека во салата бил изгорен и портрет на премиерот Еди Рама – силен симболичен гест на опозицијата кон човекот кого го обвинува за клиентелизам и корупција.
Парадоксално, во сета таа врева успеа да се одржи и формалната церемонија: Ендри (Ендрит) Шабани положи заклетва како нов народен правобранител (Омбудсман). Додека ја изговарал заклетвата, Балиу гласно го повикувал да ја напушти салата, но процедурата сепак завршила. По гласањето, под аплауз на мнозинството, Шабани испратил бакнеж кон пратениците од опозицијата – гест кој дополнително ја вжештил атмосферата во собраниската сала.
Хаосот не завршил со тоа. На барање на Таулант Баља, шеф на пратеничката група на Социјалистичката партија, седницата продолжила со гласање член по член на предлог-законите, додека надвор од зградата биле запалени оптички влакна за телевизискиот пренос. Пожарот, според досегашните информации, сè уште се истражува, но сцените од Тирана го заокружија впечатокот на ден кој ќе остане запаметен како еден од најбурните во поновата историја на Албанското собрание.
Во позадина на сето ова не е само личен конфликт меѓу пратеници, туку тешка политичка битка околу корупциските обвиненија против вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергија Белинда Балуку, близок сојузник на премиерот Еди Рама. Специјалното обвинителство за борба против корупцијата побара од Собранието дозвола за нејзино апсење, поради наводни злоупотреби и фаворизирање компании во големи инфраструктурни проекти, како тунелот и обиколницата во Тирана. Опозицијата бара целосен увид во обвиненијата и го користи парламентот како сцена за притисок, додека Балуку ги отфрла обвинувањата како политички мотивирани и најавува соработка со судските органи.
Изборот и заклетвата на Ендри Шабани, пак, отворија нов фронт. Иако формално беше кандидatura која потекнува од опозицијата, Шабани беше изгласан со гласовите на социјалистичкото мнозинство, а дел од опозициските структури процесот го нарекоа „пазар за институцијата на Омбудсман“. Дел од аналитичарите во Тирана предупредуваат дека изборот на народен правобранител во ваква атмосфера – со поделен легитимитет и сцени на насилство во Собранието – го релативизира кредибилитетот на институцијата која треба да биде последна адреса за заштита на правата на граѓаните.
Сцените од Тирана доаѓаат само ден по физичкиот судир во бугарското Народно собрание, каде двајца пратеници разменуваа удари со раце и нозе, па седницата мораше да биде прекината. Во регион кој формално декларира европски вредности и реформски агенди, парламентите сè почесто личат на арени во кои се мерат мускули, а не аргументи. За Албанија, која отвори поглавја во преговорите со ЕУ, прашањето не е само како ќе завршат процесите против Балуку или како ќе работи новиот Омбудсман, туку дали политичката елита воопшто е подготвена да го напушти јазикот на закани, факли и клоци и да го врати парламентот таму каде што му е местото – во рамките на институционална, а не улична политика.