Репрезентативна збирка од познатите теракотни икони од Виничкото Кале е претставена на едномесечна изложба во музејот Куслевова куќа во црногорскиот главен град Подгорица, како резултат на воспоставената соработка со музејот „Теракота“ од Виница.
Изложбата ја отвори македонскиот амбасадор во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ при што истакна дека се работи за едно од најавтентичните и најзначајни сведоштва за ранохристијанството на балканските простори. Пред црногорската културна јавност се претставени 12 теракотни икони и осум пишани материјали.
-Гостувањето на изложбата во Црна Гора се договараше неколку години, но поради објективни причини беше одложувано. Конечно, со многу топлина и во одличен естетски амбиент, теракотните икони се изложени за посетителите. Се работи за простор во музејски објект што е добротворен дар од стоматологот Христо Куслев, алтруист со македонско потекло, кој во минатиот век направил убави хумани дела на црногорско тло. Морам да ја истакнам одличната соработка со кустосот Драган Радовиќ и директорката Ивана Чупиќ од Музеи и галерија на Подгорица, кои дадоа особен придонес во реализацијата на поставката. Поради големиот интерес, наместо до 7 мај, како што првично беше договорено, изложбата ќе трае до крајот на месецот, истакна Сара Даневска, директорка на музејот „Теракота“ – Виница.
По гостувањето во Подгорица во тек се договори виничките теракотни икони да бидат претставени и во другите црногорски градови. Поддршка во реализацијата на изложбата даде и Општина Виница.