Еден од терористите што го извршија вооружениот напад на прославата на Ханука на плажата Бонди е веројатно Навид Акрам, 24-годишен муслиман со пакистанско потекло од Бонириг (предградие на Сиднеј), чија куќа е претресена по нападот.
На местото на настанот е пронајдена неговата возачка дозвола, а според неа е роден на 12 август 2001 година.
Според неговата Фејсбук страница, студирал на Централниот универзитет Квинсленд во Сиднеј и Универзитетот Хамдард во Исламабад. Исто така, посетувал и Институтот Ал Мурад, каде што бил опишан како примерен студент. Според медиумите, ништо на неговиот профил на социјалните мрежи не укажувало на неговите религиозни или политички убедувања.

Полицијата на Нов Јужен Велс сè уште официјално не ја потврдила оваа информација.
Експертите велат дека бил обучен, но…Експертите за оружје го анализирале оружјето што се користело во смртоносниот напад на плажата Бонди. Според нивните сознанија, помладиот напаѓач, идентификуван како Навид Акрам, користел спортска пушка „Ругер“ со нишан со црвена точка. Се чини дека постариот напаѓач бил вооружен со полуавтоматска пушка, исто така опремена со ист тип нишан. Во нападот било користено и трето оружје, кое сè уште не е идентификувано, пишува „Скај њуз“.
Спортската пушка што ја користел еден од напаѓачите е посоодветна за пукање на поголеми растојанија, а експертите забележале дека нишанот на неа не бил прецизно прилагоден. Врз основа на достапните снимки, се проценува дека осомничените биле обучени, но не и високо обучени.