Грејната сезона во Тетово значи дека градот и неговата околина се обвиткани со големо загадување на воздухот и со смог. Земјава и оваа година не најде спас од овој проблем, а главната причина за овој проблем останува начинот на греење. И додека граѓаните се жалат дека загадувањето предизвикува здравствени проблеми, а експертите со години предупредуваат на фаталните последици, надлежните не се загрижени за здравјето на своите граѓани, мерките што ги преземаат се само за шоу, пишува Порталб.мк.
2025 година во Тетово започна со енормно загадување на воздухот, како и секоја друга година. Овој град често се најде на светските топ листи за загадениот воздух.
Со почетокот на зимската сезона проблемот дополнително се продлабочува поради греењето на домаќинствата, а најголем степен на загадување има во вечерните часови.
„Жежок“ јануари
Евидентираната просечна вредност на ПМ 10 честичките од 1 до 22 јануари е 72,75 μg/m3, просечната дневна вредност на ПМ10 не смее да надмине 50 микрограми на метар кубен. Најзагаден ден беше 1 јануари со просечна вредност на ПМ 10 честичките од 151,88 μg/m3.
Евидентираната просечна вредност на ПМ 2.5 честички пак за овој период е 68,34 μg/m3, поголема од дозволената вредност од 25 μg/m3. Слично, и највисоката вредност на ПМ 2.5 честичките е регистрирана на првиот ден од годината.

Алармантни бројки со години по ред
Дека проблемот со години не се решава покажуваат бројките за загаденоста, кои секоја година го достигнуваат кулминација во месеците ноември, декември, јануари и февруари.

Граѓаните: Имаме здравствени проблеми од аерозагадувањето
Палењето пластика во оџаците, палењето на отпад во продавниците, палењето на материјалите со различен хемиски состав, палењето на електричните кабли и други материјали.
Ова се само дел од главните загадувачи на воздухот во Тетово, кои граѓаните ги набројаа за Порталб.мк.

Граѓаните рекоа дека домаќинствата и бизнисите остануваат главни фактори кои во голема мера придонесуваат за загадувањето на воздухот.
Еден жител на населбата 146 рече дека поради големата загаденост и лошата миризба често пати не можат да излезат надвор.
Граѓаните изјавија дека домаќинствата и бизнисите остануваат главни фактори кои во голема мера придонесуваат за загадувањето на воздухот.
Еден жител на населбата 146 рече дека поради големата загаденост и лошата миризба често пати не можат да излезат надвор.
„Некои сиромашни семејства купуваат евтини остатоци од мебел од несовесни сопственици, кои наместо да плаќаат за нивно уништување, профитираат труејќи ги граѓаните. Многу жители се жалат на болка во градите, вртоглавица, главоболки, слабост итн. Други пак побарале и лекарска помош“, вели загрижениот граѓанин.

Граѓаните бараат построги и поефикасни мерки од институциите против загадувачите на воздухот.
„Бизнисите, посебно различните работилници како што се механичарските кои согоруваат автомобилско масло и други токсични материи. Лесно можат да се контролираат и казнуваат, а и да се притворат сопствениците“, вели еден друг граѓанин.

Доктор Давидовски: Најзагрозени се децата и постарите лица
Според докторот од Центарот за јавно здравје во Тетово, Ратко Давидовски, начинот на греење останува еден од главните фактори на загадувањето.
„Карактеристика на зголемувањето на загаденоста на воздухот е кога почнува грејната сезона, особено во јануари затоа што имаме температурни инверзии, влијае и метеоролошкиот аспект, но и сообраќајот, градежништвото, иако не многу периодов, но гледаме дека се гради, потоа комуналната хигиена, сите овие фактори влијаат, особено кај децата до пет години, постарите над 60 години и хронично болните“, вели Давидовски.

Активистката за животната средина: Здравјето на граѓаните не е приоритет на институциите
Иако загаденувањето на воздухот беше високо и во јануари годинава и во деновите кога беше надминат прагот на тревога, еколошката активистка Елмедина Абдулаи вели дека општинските власти и покрај тоа што имаат законска обврска, не се огласија.
„Граѓаните немаат пристап до информациите на вебстраната, ниту пак на официјалните Фејсбук страни. Ова игнорирање на ситуацијата од страна на властите е директно непочитување на граѓаните, оставајќи ги нив исплашени и несигурни“, вели Абдулаи.
Таа вели дека општината мора да преземе сериозни и транспарентни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и справување со оваа криза која продолжува да го загрозува животот во Тетово.
„Не е објавено ништо ниту за увидите и решенијата на Општинскиот инспекторат, не информирајќи ги граѓаните за мерките што се преземаат, дали се преземат некакви постапки. Овој проблем се влошува и поради загревањето на јавните објекти со загадувачки материи, како и гужвата во сообраќајот, што придонесува за влошување на условите за живот“, рече Абдулаи.

Општина Тетово: Изрековме казни
Портпаролката на општина Тетово, Бесарта Рамадани, за медиумите изјави дека се изречени казни и опомени за загадувачите.
„Околу 40 казни се за физички лица во вредност од 50 до 800 евра, а за правни лица од 1000 до 1800 евра, а имаме изречено и околу 80 опомени за лицата кои ја загадувале животната средина за да не ја повторат оваа грешка“, рече Рамадани.

Во изборната програма на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, со која тој дојде на чело на општината, се предвидени многу мерки за зачувување на природата и животната средина. Но, освен некои симболични активности, најголемот дел од овие ветувања се уште не се исполнети.
„Да се занимаваме со причините, а не со последиците“
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, повикувајќи се на краткорочните мерки што ги воведе Владата, рече дека инспекторатите преземаат мерки против претпријатијата кои загадуваат, за сообраќајот и други.
Јас сум за тоа повеќе да се занимаваме со причините, а не со последиците, мислам дека главната причина за загадувањето, врз основа на истражувањата и анализите и од Светска банка и од УНДП, но и од научните институции во Република Северна Македонија, е тоа што за греење се користи се и сешто, од домаќинствата и од индустријата, а тоа е главната причина за загадувањето на воздухот бидејќи да беше само од компаниите тогаш ќе имавме загадување и во текот на летото и пролетта, но загадување има кога има потреба за греење“, рече Меџити.
Тој рече дека ќе се настојува целосната гасификација на РСМ да се стави во функција, особено во урбаните центри, а ќе има поддршка и за инвертерите, како и за други активности во областа на транспортот.

Потсетуваме дека дел од краткорочните мерки кои Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ги вклучија во новиот Акционен план за намалување на аерозагадувањето се инспекциските контроли на индустријата и градилиштата, посебниот режим на сообраќај за тешките товарни возила, намалувањето на употребата на службените возила на државната администрација и ослободувањето од работни обврски за ранливите групи и бремените жени и сл. Одобрена е наредбата овие мерки да се спроведуваат во случаи кога загадувањето го надминува прагот на алармирање.
Како треба да се постапува кога воздухот е загаден?
Препораките на Институтот за јавно здравје кога има загадување ги опфаќаат следните мерки:
- Да се остане дома ако нема потреба да се излегува.
- Лицата со респираторни проблеми, со проблеми со срцето и постарите лица треба да избегнуваат напорна физичка активност.
- Бремените жени треба да останат дома.
- Лицата со астма можеби ќе треба почесто да го користат својот инхалатор.
- Да се употребуваат маски со докажана ефикасност.
- Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат терапијата и, доколку е потребно, доколку почувствуваат симптоми, веднаш треба да се јават кај својот матичен лекар или во болница.
- Да се избегнат активности на отворено (спорт, рекреација).
- Да не се отвараат прозорите.
- Да се користат прочистувачи на воздух без јонизатори.
- Граѓаните можат да ја тужат државата за аерозагадување.
Граѓаните можат да ја тужат државата, но тешко дека ќе победат на суд
И додека граѓаните чекаат институциите да преземат нешто, тие можат да ја тужат државата за остварување на нивното право на чист воздух и за нивното здравје.
По одлуката на Врховниот суд донесена во октомври 2024 година граѓаните можат да поднесат тужба до Управниот суд за судски спор против државата доколку нивното здравје е загрозено. Оваа одлука на Врховниот суд уследи по иницијатива поднесена од една невладина организација.
Сепак, правниците објаснија дека дури и да се поднесе тужба против неа, државата мора прво да ги усвои потребните стратегии, а за обесштетување мора да се воспостави судска пракса.

Последователни аларми од локалните и меѓународните извештаи
Во јануари 2025 година извештајот на Euronews истакна дека Северна Македонија е една од земјите најпогодени од загадениот воздух, што значи дека има најголем број на смртни случаи како последица на загадениот воздух.
Извештајот на УНИЦЕФ од септември 2024 година покажа дека во Северна Македонија смртноста на новороденчињата како последица на загадениот воздух е 11,6 , или 1 од 9 смртни случаи на деца под една година.
Светската банка во декември 2024 година објави дека од загадениот воздух годишно умираат околу 2.800 граѓани на земјава, а жителите на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични ПМ 2,5 честички, во споредба со граѓаните во западноевропските земји.
Извештајот на Институтот за јавно здравје објавен во 2024 година истакнува дека во 2023 година речиси 18 проценти од вкупната смртност во РСМ може да се припише на изложеноста на тековните концентрации на ПМ-2,5 честички.
Загадувањето на воздухот постојано се споменува и од ЕУ како еден хроничен проблем за РСМ.
Скопје често пати се рангира на врвот на листите за најзагадени градови во Eвропа и во светот. Поради загадениот воздух оддржани се и бројни протести.
И покрај сите овие предупредувања политичарите и институциите во Република Северна Македонија да преземат никакви итни мерки за решавање на овој проблем.
Преземно од Мета.мк