Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тетовскиот грав го има се помалку на пазарите, не е исплатливо да се сади

Манифестацијата „Ден на гравот“, која викендов се одржа во тетовското село Теарце, е само еден скромен обид да се сврти вниманието на јавноста дека надалеку прочуениот тетовски грав можеби веќе утре ќе го снема од нашите ниви и нашите трпези. Манифестацијата оваа година се одржа дванаесетти пат, и по традиција собра голем број посетители од Теарце, околните села, од Тетово, а имаше дури и посетители од странство.

Тетовскиот грав порано беше синоним за Тетово, а денес е на пат целосно да исчезне. 

„Малите хидроцентрали кои ги изградија ни ја уништија водата и веќе ретко кој сади грав. Ако немаш добра вода немаш ни добар грав. Исто така и топлото време, посебно какво беше оваа година, си го направи своето и го исуши и она малку грав кое го имаше по нивите. Порано, од еден декар се собираше над 100 килограми грав, но денес од нива со иста големина може да се собере најмногу триесетина килограми. Затоа веќе не го садам гравот, едноставно не се исплати ни патот што го одиш до нивата, ни трудот што го вложуваш. На пазар се продава грав и продавачите велат дека е тетовски, но тоа најчесто е грав увезен од Узбекистан или од којзнае каде, кој нема врска со тетовскиот грав“, вели Мирко Ѓорѓевски кој секоја година мајсторски го приготвува гравот во големи казани за да го пробаат посетителите.

Дванаесет години по ред оваа манифестација се организира во Теарце. Организаторот, Метин Мухареми, вели дека првичната цел била да се поддржат земјоделците, а сега веќе стана манифестација која привлекува многу посетители.

„Годинава е дванаесеттата едициа на оваа манифестација и истата ги прекрши етничките бариера но и меѓуграничните бариера бидејќи немаме посетители само од државата, туку и од Косово и Албанија кои се дел од проектот кој има за цел поддршка на земјоделците, чија цел е зголемување на активностите за младите во руралните зони бидејќи настанот се организира со над 20 волонтери и активисти кои работат заедно со централната организација за развој ЦЕД“, вели Мухареми за  ТВ21.

Сонцето и влажноста кои се присутни во полошкиот регион се причините поради кои гравот е попосебен, но за жал секоја година се помалку се произведува овој производ поради тоа што земјоделците се откажуваат од земјоделството но и поради киматските услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен