ТХП нема да учествува на повторените избори во јануари

Партијата за Движење на Турците ТХП информира дека нема да учествува во изборниот процес за повторните избори во Центар Жупа закажани за 11 јануари.

„Загрижувачка е и состојбата во пресрет на повторените избори закажани за 11 јануари. Наместо избори да се одржуваат во демократска, рамноправна и слободна атмосфера, фактот што кандидатот за градоначалник е истовремено назначен и за повереник, а тоа назначување е направено без јасни и објективни критериуми, туку исклучиво како политичка одлука сериозно ја доведува во прашање легитимноста на целиот процес. Со овој потег се докажува дека личните и партиските интереси се многу побитни од интересите на жителите на Центар Жупа.

Поради овие причини, и водејќи се од демократските принципи, Партијата за движење на Турците (ТХП) не може да прифати воспоставување на едноначелна пракса врз турската заедница, ниту пак фактот што, и покрај тоа што Турците се мнозинство во општината, нивниот глас не е одлучувачки. Како резултат, на заедницата ѝ е ускратено правото да избере градоначалник под еднакви услови.

Затоа, Партијата за движење на Турците (ТХП) објавува дека на 11 јануари нема да учествува на повторените избори во Општина Центар Жупа. Оваа одлука ја донесуваме со цел да ја истакнеме нашата длабока загриженост за демократијата и правдата во нашата држава“ се наведува во соопштението на ТХП.

Откако на изборите на 19 октомври немаше потребен цензус изборите во четири општини Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа ќе се повторат на 11 јануари, одлучи Државната изборна комисија.

Зачлени се на нашиот е-билтен