Тиквеш за Св. Трифун 2026: зелена технологија и нова лозарска сезона

Винарската визба Тиквеш годинава го одбележа празникот на лозарите и винарите Св. Трифун со порака дека традицијата и модерното винарство одат заедно, но дека иднината на секторот ќе зависи од иновации, дигитализација и зелени технологии.

Свечениот чин на закројување на лозјата во Лепово го извршија поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан, и претседателот на Управниот одбор на визбата, Светозар Јаневски, во присуство на претставници на Владата, дипломатскиот кор, институции, лозари и соработници. Со тоа симболично беше означен почетокот на новата лозарска сезона, а акцентот беше ставен на одговорноста и визијата за одржлива иднина на македонското винарство.

Од визбата посочуваат дека лидерството во земјава и регионот го темелат на примена на наука и стандарди, како и на воведување алатки базирани на вештачка интелигенција и зелена технологија во производството. Во тој контекст се нагласува и потребата од долгорочна секторска стратегија што би се креирала во партнерство со винарниците и останатите засегнати страни, за полесно справување со притисоците што ги носат климатските промени.

Винарницата наведува дека континуирано инвестира во напредни практики за производство на грозје и вино, потпирајќи се на експертиза од Франција, Италија и Словенија, со цел да ги следи најсовремените индустриски трендови, а истовремено да ги вградува принципите на одржливост и заштита на животната средина.

Како следен чекор во „зелената“ транзиција, визбата најавува насока кон целосно елиминирање на употребата на фосилни горива во производствениот процес и премин кон користење енергија од обновливи извори, за дополнително намалување на јаглеродниот отпечаток.

Зачлени се на нашиот е-билтен