Најголемата опозициска партија во Унгарија, Тиса, одржува водство од 10 поени пред владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, според најновата анкета на јавното мислење објавена пред парламентарните избори закажани за 12 април.
Власта на Орбан се соочува со најголемиот предизвик откако Фидес извојува убедлива победа во 2010 година, иако исходот од гласањето останува неизвесен. Централнодесничарската Тиса ја предводи поранешниот член на Фидес, Петер Маѓар, кој вети дека ќе се бори против корупцијата, ќе отклучи милијарди евра замрзнати европски фондови за да ја зајакне економијата и цврсто да ја позиционира земјата во ЕУ и НАТО.
Анкетата на Институтот Идеа спроведена помеѓу 31 јануари и 6 февруари покажа дека 48 проценти од гласачите ја поддржуваат Тиса, додека 38 проценти ја поддржуваат Фидес, што е непроменето од претходниот месец. Уделот на неопределените гласачи се намали за три поени на 24%.
Анкетата покажува дека уште две партии би го поминале изборниот праг – крајнодесничарската „Нашата татковина“ (Mi Hazank) и левичарската Демократска коалиција (Demokratikus Koalicio), кои добиваат по 5% поддршка.
Гласањето во април ќе има влијание и врз европската политика, особено за крајнодесничарските сили. Орбан, сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, постојано влегува во конфликт со ЕУ по разни прашања, додека одржува добри односи со Русија и упатува остри критики кон Украина. Брисел го обвинува унгарскиот премиер за слабеење на демократските стандарди.
Повеќето социолошки анкети покажуваат дека Фидес заостанува по три години економска стагнација и силни инфлаторни притисоци по руската инвазија на Украина. Сепак, провладиниот институт Незопонт објави студија во петокот, според која Фидес води со 46% наспроти 40% за „Тиса“.