На литературна свеченост одржана во Задар, беа доделени годишните награди „Донат” и „Горан Бујиќ“ кои ги доделува задарскиот одел на Хрватското книжевно друштво – оддел Задар. Лауреати на тие награди се и четворица македонски писатели: на Томислав Османли награда за животно дело и на книжевните творци Борче Панов, Даниела Андовска-Трајкова и Марина Мијаковска, како и невладината организација Хрватско-македонска тангента, сите наградени за видни книжевни придонеси. Предлозите за награди до жирито пристигале од сите пет ограноци на ХКД, а конечните одлуки ги донело жири од 21 член, на чело со претседателот на задарскиот огранок на Хрватската книжевна асоцијација, предводен од писателот Никола Шимиќ Тонин, поет, романописец, драмски автор и преведувач.
„‘Донат’ за животно дело ќе му се врачи на Томислав Османли, македонски писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиуми, филмски и театарски критичар, новинар и есеист – стои во дел од подолгото образложение за високото хрватско книжевно признание – Автор е на 28 книги публицистика, драмски текстови, сценарија и прози. Неговата теоретска студија „Филмот и политичкото“ (1981) е првата книга во Македонија посветена на седмата уметност, онака како што ‘Стрип, запис со човечки лик’ (1987, 2002) е првата книга посветена на деветтата уметност во таа земја.“ Подеталните творечки биографии на македонските добитници се објавени во септемврискиот број на списанието „Квака“.
Инаку, високите признанија именувани „Донат“ и „Горан Бујиќ – книжевници и новинари“ се доделуваат во знак на почит и сеќавање на рано заминатиот задарски творец, новинарот, писател, критичар и уредник Горан Бујиќ (род. 1955) секоја година на 28. Декември, роденденот на творецот.
Годинава со двете награди се почестени четворицата македонски автори и асоцијацијата која создава бројни културни мостови меѓу Хрватска и Македонија, предводена од политикологот Сашо Георгиевски. На овој начин асоцијацијата на задарските книжевни дејци, дел на Хрватското книжевно друштво, ја потврди својата отвореност и респектот кон македонските литературни творци во доменот на романескното, поетското, мултимедиското и теоретското творештво. Најзаслужен з тоа уважување е првиот човек на задарскиот Огранок, писателот Никола Шимиќ, како и неговите соработници од Управата и независните интелектуалци од бројниот состав на годинашното жири на наградите „Донат“ и „Горан Бујиќ“.
Заблагодарувајќи се од името на лауреатот на највисокото признание, наградата „Донат“ за животно дело на Томислав Османли ја прими Секретарот на Хрватско-македонската тангента, Милена Георгиевска, новинарка и уредничка на списанието „Македонски глас“ од Хрватска.
Останати добитници се словенечкиот автор Марјан Пунгартник и Ана Чагаљ
Наградите се состојат од Диплома, Медалјон со ликот на Горан Бујиќ и уметничка слика/фотографија дела на еминентни задарски уметници.