Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изнесе детали за трагичниот настан што вчера се случи во Тафталиџе.
Според Тошковски, во евиденцијата на МВР; сопругот на трагично починатата Ивана имал десет кривични пријави во изминатите две години, а само два часа пред падот од балкон во Карпош, полицијата интервенирала по пријава за семејна расправија.
Трагедијата, во која животот го загубија жена и малолетно дете, била пријавена од случаен минувач. Според Тошковски, веднаш по пријавата на улицата „Теодосиј Гологанов“ излегле полициски службеници од Полициската станица Карпош и екипа на Итната медицинска помош, при што била констатирана смрт.
Извршен бил увид од страна на СВР Скопје, телата се предадени на обдукција, а од местото биле подигнати материјални траги и мобилен телефон. Сите околности, како што рече министерот, се детално документираат.
Тошковски посочи дека настанот имал претходница. На 2 март во 12:05 часот била примена пријава за расправија меѓу сопружниците. Полициски службеници пристигнале на адресата во 12:19 часот и разговарале со сопругата.
Според неговите зборови, таа изјавила дека немало физички контакт со сопругот, дека станувало збор за недоразбирање и дека не бара поведување постапка ниту понатамошна интервенција. Навела дека брачните односи ги решава преку бракоразводна постапка и потпишала службена белешка.
По интервенцијата, жената се упатила кон станот на „Теодосиј Гологанов“, каде подоцна се случил трагичниот исход.
По усна наредба, уапсен е сопругот Стојанче Јовановски поради сомневање за сторено кривично дело.
Министерот откри дека во последните две години против него биле поднесени десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога. Во еден од случаите кај него биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, по што бил уапсен и против него била поднесена кривична пријава. По барање на јавен обвинител, му биле изречени мерки на претпазливост – обврска за јавување во суд.