Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Тошковски и МВР да поднесат кривична пријава за Бојан Христовски по примерот од Велес

На 25 ти април оваа година, МВР до ОЈО Велес поднела кривична пријава против 44 годишна жителка на Велес поради, како што тогаш соопштиле, постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Употреба на исправа со невистинита содржина“. Кривичната пријава била поднесена за прекршување на член 380 од Кривичниот законик. Еден ден подоцна, на 26 ти април за оваа кривична пријава се пофалил на неговиот Фејсбук профил и министерот Панче Тошковски со објава во којашто изнесува детали за пријавата, потсетуваат денеска од СДСМ.

„Пријавената прибавила меѓународно признаен сертификат (TOEFL IBT) за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р. Бугарија. Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата.“

Од СДСМ укажуваат дека тоа е објавата на Тошковски од 26 ти април и прашуваат:

„Прашањето е каде е сега Панче Тошковски и МВР? Зошто молчат и не преземаат ништо за директорот на АНБ, Бојан Христовски? Каде им е Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал?“

Бојан Христовски исто така приложил сертификат за TOEFL од истото место, Пловдив Бугарија, а во Пловдив воопшто нема испитен центар за TOEFL. И македонски и бугарски медиуми го потврдија ова, велат од опозициската партија и истакнуваат дека и Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик туку се користел со фалсификуван документ.

Тоа, укажуваат од оваа партија, претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност.

„Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се заштитени мечки и одговорност мора да има. Бараме Тошковски по овој пример од Велес да поднесе кривична пријава против Бојан Христовски за кривично дело ‘Употреба на исправа со невистинита содржина’, согласно член 380 од Кривичниот законик“, апелираат од СДСМ и најавуваат дека „доколку тоа не го направат Тошковски и МВР, СДСМ ќе поднесе Кривична пријава против Христовски“.

СДСМ очекува и Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности, да спроведе транспарентна исрарага која точно и непристрасно ќе утврди одговорност за скандалот.

„Ова е еден од најсериозните скандали кои го поткопуваат безбедносниот систем во нашата земја и мора целосно да биде расчистен“ порачаа на од СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен